Во Собранието заврши денешната лидерска средба на премиерот Ковачевски со лидерите на парламентарните политички партии. Премиерот рече дека средбата поминала во демократски дух, со отворен дијалог кој очекува и понатаму да продолжи.
„Процесот на европеизација не е проект на една политичка партија, тоа е национален проект во кој мора сите мора да дадеме свој придонес, бидејќи се работи за државата и за граѓаните. Никој нема право да блокира, никој нема право да биде кочничар во процеси кои значат подобар живот, просперитет, развој и напредок. Сега не е време за поделби, никој нема корист од тоа. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да ја реализираме поставената цел.
Продолжувањето по европскиот пат е приоритет за сите, а калкулации за иднината не треба да има. Време е да почнеме нова приказна во која Северна Македонија станува европска земја, земја со закон, ред, систем, иднина, подобар живот за сите, за тоа ни е потребен договор за национално единство за Европската Унија и придонес од секоја партија“ рече премиерот Димитар Ковачевски.
По средбата претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека жали што кај Владата и кај мнозинството немало доволно слух за реалните проблеми на граѓаните, па на оваа средба не се разговараше за денешниот податок кој што излезе, а тоа е 20% инфлација или пак за 31% зголемени цени за храната и безалкохолните пијалоци.
„Тоа се суштинските проблеми што ги мачат граѓаните, како ќе ја поминеме оваа зима, со кои предизвици ќе се соочиме, каква е подготвеноста на владата. Тоа се оние реални за кои што треба да се разговара на едни вакви средби на кои што се политичари кои што носат одговорност и кои што треба да им помогнат на граѓаните и да разговараат за тие теми“ рече Мицкоски.
Тој рече и дека нема мнозинство за уставни измени и рече дека треба парламентот да се распушти, да формира техничка влада и да се одипредвремени парламентарни избори.

„Тоа беше и од наша страна побарано, денеска на денешниот состанок, откако стана очигледно дека немаме мнозинство кое што би гласало за, еве, евентуални уставни измени кои што ги предлага владиното мнозинство.
Констатиравме и дека ова е задоцнета средба и дека консензус, консултации со парламентарни политички партии се прави пред да се носат одлуки. Вака, пост фестум консултации се непотребни, фрустираат и само за да не бидеме прогласени како коалиција која што, еве е антидржавна, неконструктивна и е спротивна на иднината на државата“ вели Мицкоски.












