Заев во Анкара на средби со Ердоган и Јилдирим

0
493

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се сретна со премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, во рамки на официјална посета на Република Турција, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

На почетокот на средбата премиерот Заев изрази сочувство за жртвите во борбата против тероризмот со цел заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на земјата.

Има согласност од двете страни дека борбата против тероризмот е важно прашање за заштита на светскиот мир.

Двајцата премиери, Заев и Јилдирим на тет-а-тет средбата и потоа на ниво на делегации изразија определеност да придонесат кон создавање услови за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за зголемување на трговската размена.

Договорено е активирање на Мешовитиот комитет меѓу двете држави кој што ефикасно ќе ги решава сите потреби за подобра соработка на секое ниво. Премиерот Заев соопшти дека од страна на Република Македонија, комитетот ќе го води министерот без ресор, Аднан Ќахил.

„За нашата држава важни се сите инвестиции, а Турција е 6-та во Македонија по бројност на инвестиции. Подготвени сме да создадеме услови за уште повеќе инвестиции бидејќи има заинтересирани инвеститори“, рече премиерот Заев.

Се разговараше за можноста за олеснувања посебно во земјоделството.

„ Ние очекуваме напредок во ЕУ и НАТО интеграциите оваа година, а тоа очекуваме  да влијае на зголемување на инвестициите, а со тоа подобар квалитет на живот на граѓаните“, рече премиерот Заев.

На средбата на двете делегации, премиерот Заев побара да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО, а премиерот Јилдирим порача дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во оваа стратешка цел.

Турскиот премиер изјави дека Турција ја продолжува поддршката на Македонија на економски и културен план, и додаде дека со братската земја ќе ги зајакнуваат меѓусебните врски и соработка. Тој, исто така му се заблагодари на македонскиот премиер за поддршката во борбата против ФЕТО организацијата и искоренување на истата од Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, утрото се сретна со претставници на Групацијата ТАВ, главниот менаџер, Мустафа Сани Шенер, заменик менаџерот Серкан Каптан, генералниот менаџер на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој.

Утврдени се приоритетите и за инвестицијата од 45 милиони евра од концесионерот на аеродромот во Скопје, ТАВ. Парите ќе бидат вложени во значајни проекти за граѓаните на нашата држава.

-Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта, она што им е реално потребно на нашите граѓани.

И јас сум искрено задоволен што од оваа инвестиција директна полза ќе почувствуваат граѓаните на Република Македонија, рече премиерот Заев.

“Имаме договор и со задоволство ќе го реализираме, рекоа претставниците на ТАВ.

Претставниците на ТАВ изразија благодарност за добрата соработка со премиерот и новата Влада и поддршка во заложбите за развој на земјата.

-Со самото тоа што посетата на Република Турција ја започнавме синоќа, веднаш по доаѓањето, со вечера со турските бизнисмени, покажуваме дека сме силно определени да ја интензивираме добрата економска соработка меѓу двете држави, додаде премиерот Заев на средбата.

Од Анкара за ТЕРА телевизија, Мартин Николовски.