Заев: За овие неколку години, во Битола е сработено колку за три мандати

За време на денешната посета на Битола премиерот и претседател на СДСМ рече дека и него Битола му е голем приоритет, но дека тие сега не се прашуваат, туку зборот го имаат граѓаните. Ова како коментар на изјавата на Мицкоски на два пати дадена во Битола дека него Битола му е голем приоритет.

„За мене уште поважно е името на кандидатката или кандидатот за градоначалник, името на кандидатката или кандидатот за советници, затоа што ова се избори на личности. Сега е редот на граѓаните, не е редот ни на Заев, ни на Мицкоски, ни на СДСМ, ни на ВМРО-ДПМНЕ и на другите партии. Граѓаните ни даваат мандат да сработиме, да оставиме зад себе и да бидат задоволни. Секој пат можеме повеќе, но тоа што е сработено во Битола во минатите години мислам дека покрива два до три мандати на поранешни градоначалници. Зошто, затоа што изатекнаме блокирана општина,сега е одблокирана, развиени се проекти буквално на секаде низ Битола, државата има силен фокус кон децентрилацијата и поддршка за општините, затоа што животот е на локално ниво. Како опозиционер многу се залагав за поголема поддршка на општините, но тогаш власта немаше слух за тоа. Затоа ВМРО-ДПМНЕ да си поседат во опозиција и во Битола, затоа што нема да е добро додека не ги променат начините на кои што треба да им се служи на граѓаните“, рече премиерот Заев.

Тој рече дека во Битола според партиските анализи Наташа Петровска е фаворит на првичните истражувања на партијата, но сепак ќе се причекаат и новите анкети.

„Во Битола граѓаните ќе одлучат кој ќе биде кандидат, а ние можеме да се поклониме и него да го предложиме. Наташа Петровска е една од најдобрите градоначалници во државата, но тоа го мисли Зоран Заев. Да видиме битолчани што мислат. Првите истражувања покажуваат дека таа е фаворит, има уште неколку квалитетни наши луѓе овде. Се надевам дека втората и третата анкета, кои ште се во тек, ќе го кажат конечното, затоа што само тогаш можеме да кажаеме дека ги слушаме граѓаните“, додаде Заев.

Сподели