Заев и Сугарески за инфраструктурните проекти

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес-конференција одржана во Владата на Република Македонија, ја најавиja градежната офанзива во Република Македонија на комуналната инфраструктура во државата, односно на водоводната и канализационата мрежа во населените места во општините.

„Работите на терен веќе се во полн ек“, истакна на прес конференцијата премиерот Заев, и додаде дека Владата влегува во завршницата на 31 проект за водоводи, канализации и пречистителни станици во исто толку општини или населени места, проекти во вредност од близу 17 милиони евра.

„Ниту една општина нема да биде запоставена. Владата ќе работи на рамномерен развој и распределба на средствата во руралните средини и ќе овозможи подобрување на животот и здравјето на граѓаните со изградбата на планираните канализациони и водоводни системи“, нагласи премиерот Заев.

Дел од парите за овие зафати, како што појасни премиерот на прес конференцијата, се обезбедени од буџетот на Република Македонија, а дел од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

„Нашата цел како Влада, а воедно како програмска определба е обезбедување на високо ниво на покриеност на територијата на Република Македонија со водоводна и канализациона мрежа.
Во таа насока, сакам да потенцирам дека во тек се инвестиции во вредност од 11 милиони евра во проекти за изградба на канализациони и водоводни системи, а следат дваесеттина проекти во различни општини со вкупна вредност од околу 17 милиони евра.

Сите овие проекти ги реализираме во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката, во соработка со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија и од буџетот на Министерството за транспорт.

Во делот на проектите кои се реализираат во соработка со Европската инвестициона банка во тек изградба се 10 проекти во вредност од 3,3 милиони евра и тоа:
Изградба и реконструкција на водоводи во општините Струга, Берово, Пробиштип, Гевгелија, Виница, Желино, Студеничани, Македонски брод и Ресен, додека во Брвеница се работи на изградба на систем за одведување на отпадните води.
Исто така со средства ЕИБ, веќе се склучени договори за изградба и надзор за 11 проекти со вкупна вредност од 4, 4 милиони евра и тоа:
7 проекти за изградба и реконструкција на водоводи во општините: Свети Николе, Крива Паланка, Битола, Неготино, Велес, Куманово и Липково.

4 проекти за изградба и реконструкција на канализации во општините: Прилеп, Долнени, Струга и Лозово
Додека во фаза на тендерска постапка се 8 проекти со вкупна вредност од 3,9 милиони евра во следните општини: Гостивар, Струмица, Теарце, Маврово и Ростуша, Демир Хисар, Куманово, Пехчево и Старо Нагоричане.

Тоа што сакам да нагласам е дека на располагање остануваат околу 12 милиони евра неискористени средства од кредитната линија од ЕИБ. Затоа ги повикуваме сите општини кои се уште имаат на располагање средства да побрзаат, да достават готови проекти до Министерството за да можеме да ги реализираме. Затоа апелот се однесува до сите градоначалници на кои се уште им остануваат на располагање овие пари.

Во делот на проектите што ќе ги работиме со поддршка на КФВ банката, ќе се инвестираат вкупно 8, 5 милиони евра, од кои 5 милиони евра грант неповратни средства кои успеавме да ги обезбедиме пред извесен период.
Овие инвестиции се наменети за подобрување на водоснабдувањето во општините Гевгелија, Кавадарци и Радовиш.

Во соработка со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија, успеавме да обезбедиме грант од 4 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето во општина Гостивар.
Со буџет од Министерството за транспорт во тек е реализација на 5 проекти во вредност од 8 милиони евра и тоа:

Изградба на систем за вода за дел од населените места во Сопиште. Регионален водовод Патишка река, инвестиција од 2,3 милиони евра, очекувам оваа година да заврши изградбата

Изградба на канализација за населеното место Сопиште и локалитетот Сончев град, инвестиција од 4,8 милиони евра. И овој проект очекуваме да биде завршен оваа година.

Доизградба на канализација во населеното место Волково,општина Ѓорче Петров, инвестиција од 560 илјади евра, рок на изградба оваа година

Реконструкција на цевковод за населеното место Дреновци, општина Долнени во вредност од 50 илјади евра,

Доизградба на канализација во населеното место Крушеани, општина Кривогаштани во вредност од 81 илјада евра“ рече министерот Сугарески.

Share.