Законот за јазиците одложен на неодредено време

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Претседателот на Собранието им дал една недела на политичките партии да најдат решение за Законот за јазиците. И покрај несогласувањето околу решението за амандманите, вледејачката коалиција не е загрозена, велат експертите.

По продолжението на седницата на која требаше да се расправа за Законот за јазици, нема договор во однос на проблемот со над 35 илјади амандмани поднесени од опозицијата, а претседателот на Собранието Талат Џафери им дал една недела на политичките партии да најдат решение, затоа што можностите што тој ги имал како претседател се исцрпени.

Партиски извори од СДСМ велат дека работни групи на политичките партии ќе работат за наоѓање решение и додаваат дека поради одложување на решението за Законот за јазиците засега е извесно дека до крајот на неделата нема да има пленарни седници во Собранието.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека Законот за јазици во следните денови ќе биде усвоен и оти од процесот нема враќање. Прашање се само финалните координации со политичките партии, на кој начин и во каква форма ќе биде усвоен законот, рече Османи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за медиумите изјави дека на седницата не дошло до решение поради немање доволно гласови за да продолжи постапката зашто некои од пратениците на СДСМ се изјасниле дека нема да гласаат за законот. И покрај несогласувањата околу решението за над 35 илјади амандмани, Џафери рече дека владејачката коалиција не е загрозена и ќе продолжат сите процеси кои парламентарното мнозинство ги има во Собранието, а од кои зависи и функционирањето и поддршката за самата Влада на премиерот Зоран Заев.

Партиски извори од СДСМ велат дека му даваат шанси на дијалогот со цел наоѓање решение за проблемот со илјадниците амандмани и оти сакаат ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера посочија дека било побарано да ги повлечат амандмани и оти тие одбиле, и дополнија дека проблемот за непочнување на седницата настанал помеѓу ДУИ и СДСМ зашто немало договор дали седницата да започне со амандманите или таа точка да се прескокне и да се гласа и за останатите закони.

slobodnaevropa.mk

Share.