Законот за јазици не смее да ја кочи европската перспектива на Македонија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ уште еднаш повикува на транспарентност и отвореност во однос на најважните национални прашања како што е законот за јазици и односите со соседите, односно спорот со името.

„Очигледно е дека Законот за јазици ја ниша владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ. Да не дозволиме тоа нишање да ја разниша и стабилноста и перспективата на Република Македонија. Доста е со уцени. Да не дозволиме теснопартиски интереси и уцени да ја одредуваат судбината на граѓаните на Македонија“, се вели во партиското соопштение.

ПОДЕМ ги повикува и СДСМ и ДУИ со отвореност и транспарентност да стават крај на тензиите и додава дека секакви уцени ќе се пресечат во корен ако јавно и јасно се каже што се договарало, ако отворено се каже што може, а што не може да биде производ на коалицирањето.

Транспарентоста, според ПОДЕМ, е единствениот метод којшто треба да се примени и во односите со соседите, но и дома, бидејќи затскривањата на тоа што се преговара, како со Грција, така и со ДУИ, очигледно води кон засилени апетити.

ПОДЕМ исто така повикува да се размисли за национална коалиција и двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да седнат на иста маса и да направат коалиција по примерот на Германија. Со тоа, заеднички еднаш засекогаш да ги одредат приоритетите за националните прашања.

„Приоритет за Македонија е влезот во Европа, а не донесување на закони кои не подлежат на европско знаме, но се наметнуваат и го блокираат Собранието кое треба да ги донесе вистинските европски закони.

Таа коалиција, на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, треба да е отворена и за албанските партии. Но тие треба да покажат дека ѝ мислат добро на Македонија, а не секое коалицирање да го користат за остварување на цели кои не се во заеднички интерес на сите граѓани на Република Македонија, без оглед на која етничка група припаѓаат.

На крајот на краиштата Законот за јазици и не е закон за јазици, туку е Закон за албанскиот јазик. Зарем во 21 век Македонија ќе носи закон кој не ги става во рамноправна положба сите етнички заедници“, се наведува во соопштението.

Формирањето на таква коалиција, како што се додава, ќе овозможи и одржување на долго бараниот попис.

 

Share.