Со второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, официјално започна оф програмата на годинешните 53. Илинденски денови. Центарот за култура во Битола е и организатор и дом на овој прв фестивал од ваков тип кај нас. Посветен е на широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражување на традиционалното наследство од нашите предци, но и модерниот начин на живот на заедниците во кои културата се негува како оплеменување и оплотување со разновидни увиди и методологии на работа на тимови од цел свет на филмови од ваков карактер.

Публиката на првата проекција ја поздрави Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура. Од понудените околу 200 филма за ова второ издание на фестивалот, беа избрани само дваесетина кои ќе ѝ бидат претставени на публиката во Битола.Фестивалот на етнографски филмови ќе трае до 22 јули, а селектор на овој филмски фестивал е Тони Гламчевски, новинар од Франција кој живее во градот Нанси, 60 километри оддалечен од градот Епинал, во срцето на Европа. Гламчевски и неговата сопруга Блондин го креираат Меѓународниот филмски фестивал.

Фестивалот започна со прикажување на филмовите: Тапкање на црните чизми и Душите на шумата.

Истиот во наредните неколку денови ќе има завиден опфат на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти. Ќе се повикува на далечни сведоштва, без разлика дали оваа оддалеченост е географска – започнувајќи од Индонезија, Мадагаскар, Мароко, Непал, Бразил, Мексико, Сенегал, САД, но и филмови и начин на живот блиску до домот – Шпанија, Бугарија, Србија, Португалија („Впечатлива земја“), или временска – „Австралија, Австралија“ и „Дае“ на Столе Попов – за да се илустрира оваа тема. Преку овие филмови, се нудат средби со заедниците од сите страни на планетата на кои им е заедничко споделувањето и зачувувањето на нивните обичаи и култура.












