Започна пролетниот саем на книга во Битола

0
549

За сите љубители на пишаниот збор, во Битола во фоајето на Центарот за култура започна пролетниот саем на книга .
Битолчани,  имаат ретка прилика  како што истакнаа организаторите, издавачката куќа “Матица“, да имаат  уште едно незаборавно дружење со книгите.

На посетителите им се понудени голем број на наслови и околу 250 наслови од македонски автори, по промотивни цени.
Идејата е да се шири македонскиот збор, да се навикне домашната публика да чита книги на македонски јазик.

Покрај македонските автори, тука може да се сретнат и странски автори кои оваа издавачка куќа ги има преведено на македонски јазик од различни жанрови, по многу пристапни цени.

Овој саем ја промовира културата на читање, со различни теми од сите области на општественото живеење.

Саемот на книгата обезбедува најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.

Со саемите за книги се креира навика за читање кај домашната публика, читателите разбираат што е добра литература и со задоволство патуваат со книги, подаруваат книги и разговараат за тоа што е ново во нашата и во светската книжевна сцена .

Саемите за книги придонесуваат читателите да го препознаат како катче во кое го минуваат времето посветено на книгите и пишаниот збор.

Од клуб Матица нагласуваат дека и понатаму ќе продолжат со планот за промоција на домашната литература, промоција на македонскиот збор, темелните вредности на едно современо општество и развој и промоција на млади автори кои ќе ги освојуваат светските книжевни височини.