Заразните болести се спречуваат само со вакцинација, вели др.Димитровска

Во тек е масовната вакцинација против Ковид 19 во салата „Борис Трајковски“ и во сите здравствени домови ширум државата. Иако вакцината не е задолжителна, лекарите со апел до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи како што вели началничката на инфективното одделение во Битола Др.Димитровска заразните болести се спречуваат само со вакцинација.

„Вакцините се сите добри, сите се максимално испитани, сите се безопасни и апелирам до граѓаните во што поголем број без да се плашат задолжително да си ја примат вакцината. Секако вакцината е слободна волја меѓутоа апелирам на волјата на пациентите да си ја примат вакцината, со што поголем број на имунизирани луѓе, со почитување на рестриктивните мерки, значително драстично ќе се намали бројот на нови случаи во следниот период. Апелирам до граѓаните за што поголем одзив за вакцинација, бидејќи заразните болести се спречуваат исклучиво само со вакцинација“, вели прим.др.Ели Димитровска, началник на Инфективното одделение во Битола.

Прашавме дали пред вакцинација граѓаните треба да направат серолошки тестови за да проверат дали имаат антитела

„Засега нема такви препораки, нема тестирање на граѓаните што сакаат да се имунизираат . Тоа е слободно валја на пациентот.Оние луѓе кои прележале ковид инфекција можат слободно да се пријават за вакцина и тоа според најновите сознанија после 6 месеци од позитивниот дијагностички тест на ковид“, рече др.Димитровска.

Во изминатите 5 дена откако започна имунизацијата на лицата над 77 години со вакцината Астра Зенека до утрово до 10 часот во Битола се вакцинирале само 390 граѓани. Oд Здравствениот дом во Битола велат дека се зголемува интересот на граѓаните за имунизација. На денот на стартот на вакцинацијата во Битола беше речено дека дневно по 100 термини ќе има преку систомот „Мој термин“. Во првите два дена од пријавените по 100 лица, на вакцинација се појавени и двата дена по 70 лица. Битола има на располагање 1400 вакцини, вакцинацијата се врши во школската амбуланта на ОУ „Даме Груев“, а закажувањето се спроведува пореку системот „Мој термин“.

Сподели