Засилени контроли за присуство на ГМО во храната

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов денеска најави дека Агенцијата во наредниот период ќе спроведе засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми во храната.

На денешната прес-конференција тој нагласи дека засилените мерки следат по откривањето во мај годинава на 550 килограми ГМО ориз произведен во Кочанско од увозно семе и присуство во увозни соини трошки и шницли од Србија.

„Оризот е  произведен од увозно семе и најден во магацин на операторот, но се уште не се знае кој е неговиот производител. Ставен е под официјален надзор и ќе биде уништен. На операторот со храна му е изречена парична казна, 5.000 евра во денарска противвредност за субјектот и 1.700 евра за одговорното лице“, рече Атанасов.

Атанасов истакна дека во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе се вршат контроли кај увозниците на семенски материјал за да се утврди од каде е увезено сомнителното семе.

„Соините трошки и шницли кај кои со првичните испитувања се утврдило дека содржат ГМО се увезени од Србија. Целата откриена колична од 510 килограми е повлечена од продажба“, кажа тој.

Во Европската унија е дозволено консумирање на храна со ГМО, но нејзиното присуство треба да биде истакнато на декларацијата. Слично било и во Македонија до 2015 година, кога, како што кажа, е донесена одлука да се забрани консумирањето на производи со ГМО до влегувањето на земјата во Унијата.

Share.