Затворениците во битолскиот затвор добија 70 наслови на книги

0
2035

Со цел подобрување на условите и програмите за рехабилитација и ресоцијализација на затворените лица, денес градската библиотека од Битола донираше 70 наслови на книги во Затворот во Битола. Од својот библиотечен фонд библиотеката оддели дел од дупликатите, подарени книги и книги за размена со цел да се поддржи програмата на затворот.

Во Затворот постои библиотека која е скромна, вели директорот Драган Крајовски и додава дека имало интерес кај осудениците за читање на книги. Барале нови наслови на книги, но тие како установа веднаш не можеле да ги задоволат нивните барања. Токму оваа соработка со библиотеката, вели Крајовски, и потпишувањето на меморандумот за соработка води кон тој чекор, задоволување на дел од барањата на затворените лица.

Директорот  на  НУУБ „Св. Климент Охридски” – Битола Јелена Петровска потенцираше дека и во иднина ќе продолжат да донираат книги во затворот и  ќе им овозможат на затворените лица средби со писатели,  со цел да им се објасни што книгата може да направи во животот на еден човек, а тоа е т.н библиотерапија, рече Петровска.