За нешто имаме согласност, ама има уште разлики

0
233

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција по денешната средба во Охрид уште еднаш се согласија дека добро соработуваат, дека ги разбираат разликите и потребите на другиот, но и дека и натаму има тешки прашања, разлики, за кои ќе разговараат на идните средби. Првата таква средба веќе е закажана за 3 и 4 мај во Солун.

Никола Димитров, македонскиот министер за надворешни работи, по средбата со својот грчки колега Никос Коѕијас изјави дека се водат отворени и искрени разговори за сите прашања за разликите околу името.

„За дел од тие прашања има напредок, созреани се решенијата, за дел сѐ уште постојат разлики. Првпат разговаравме за временската рамка и за чекорите што треба да следуваат откако ќе се постигне согласност, како тоа ќе се применува… Ова беше разговор без надмудрувања, со големо разбирање за потребите на другиот. Нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги разбереме и да ја најдеме комбинацијата што ќе го обезбеди ова. Имаше и средба на работните групи од високи дипломати, кои врз основа на напредокот од разговорите во Виена, го усогласија и текстот за идната соработка во различни области и текст за спречување на иредентизмот на двете страни. За сево ова ќе ги информираме нашите премиери, процесот продолжува“, рече Димитров.

И Коѕијас се согласи дека атмосферата во која се спроведуваат овие разговори е пријателска, дека има разбирање и дека има напредок во однос на дефинирањето на рамката на заедничката соработка. Но останува и тешкото прашање што се однесува на иредентизмот, нагласи Коѕијас.

„Се доближуваме, ги решаваме нашите проблеми, остануваат сѐ помалку теми за решавање, но тие се најтешките. Денеска направивме уште еден позитивен чекор. Се надеваме дека и најтешките проблеми можеме да ги направиме полесни. Соочени сме со големи и тешки проблеми предизвикани од други и проблеми што се однесуваат на минатото“, рече Коѕијас.

По изјавите не беа дозволени прашања од големиот број новинари од двете земји што ја следеа средбата.

mkd.mk