Две теми кои беа, се и ќе бидат актуелни за нас, но и за туристите. Едната тука во градот, во населбата „Недопирливи“ каде пред некој ден беа и претставници од Светска банка за да видат до каде се работите. Локалната власт вели дека се она што беше во надлежност на Општина Битола, подземната инфаструктура е завршена. Бојкоски кажува и дека му било кажано кога ќе се завршат тие улици.

„Во моментот се изведуваат градежни активности во делот на коловозот, тампонирање на коловоз. Изминатата недела имаше дојдено делегација од Светска банка, по однос на ревизија на проектот и од она што ни беше кажано од претставниците на Светска банка и од изведувачот, дека до почетокот на август таму комплетно ќе биде завршена таа патна инфраструктура која што е во должина од повеќе од 2 километри“ вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.
Сите признаваат дека работите многу се оддолжија, а сведоци бевме и на преписките меѓу општината и министерството за транспорти и врски. Имаше и обвинувања за намерно кочење. Илиевски кој е од битолската СДСМ го прашавме дали тој за овој проблем, пробал да помогне, односно да лобира кај неговиот сопартиец во министерството.

„Моите политички преписки со министерот кој е во заминување Благој Бочварски, се известени во случајот градоначалникот и секретарот на општината, дека јас лично самиот се имам заложено и имам ургирано и ги имам информирано одреден период до каде се постапките во министерството за транспорт и врски. Ова се случуваше некаде периодот околу нова година“ вели советникот од СДСМ, Методија Илиевски.
Ова пак е патот кој од националниот парк води за Битола кој минува низ Трново-Магарево. И таму месеци наназад проблеми за локалното населени и за туристите кои ги имаше и во зимскиот период, сега ги има, а на лето уште повеќе. И тука Општина Битола и транспорт и врски се „судрија“.

„Подземната инфраструктура, односно водоводот и канализацијата ги изведува министерството за транспорт и врски, додека коловозот треба да го изведе Општина Битола за кој е веќе склучен договор со изведувач и веднаш после завршувањето на подземната инфараструктура од страна на министерството за транспорт и врски, треба да биде изведен коловозот“ вели Бојкоски.
Зимата се помина со санирање на дел од патот, за како така да се оти нагоре и надолу. А, Илиевски вели дека допрва ќе се заангажирал.
„За патот за Пелистер искрено немам информации, треба да се заангажирам“, рече тој.
Патот ќе биде завршен, но не пред туристичката сезона, вели советникот Бојкоски.
„Се надевам дека до крајот на оваа градежна сезона патот Трново-Магарево до влезот во национаниот парк „Пелистер“ ќе биде завршен, бидејќи тоа претставува една значајна туристричка атракција во градот националниот парк „Пелистер“. Жалам што нема да биде завршен пред почетокот на туристичката сезона каде што ќе се изведуваат градежни активности, меѓутоа временските услови се такви каде што градежната сезона трае од месец април до месец ноември, декември“ вели тој.

Сега со смената на централната власт, локалните политичари од ВМРО ДПМНЕ очекуваат полесна комуникација, но и одговорноста ќе биде нивна.
„Апсолутно сега комплетната одговорност, бидејќи ние ќе сме и централна и локална власта и ќе треба со нашиот министер што ќе биде за транспорт и врски да се инсистира што побрзо завршување на подземната инфаструктура“ рече тој.
Ова се темите кои пак се важни за граѓаните. А, колку ги има за време на седниците на советот?












