ТЕРА

REKLAMA???

ЗА СЕЧЕНИТЕ ДРВЈА И НОВИОТ КРУЖЕН ТЕК

Утрово се сечеа дрвја кај местото познато во јавноста кај поранешната Втеринарната станица. На оваа локација ќе се прави кружен тек.

Пред неколку години имаше обид за реализиција на проектот, но не се случи.

За ова денеска и партиски препукувања на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, а еве што вели општината.

„Јавното претпријатие Комуналец, денес започна со подготвителните активности за реализација на проектот за изградба на кружен тек на улица „Прилепска“ со улица „Баталјон Стив Наумов“ – проект чија реализација, претходно доби едногласна поддршка од сите советнички групи од Советот на општина Битола.

Заради непречено спроведување на градежните работи, на просторот каде ќе биде изграден новиот кружен тек, неопходно беше отстранување на постоечките дрвја, поради што ЈП Комуналец, годинава, засади 867 нови садници на следните локации: Саат кула, Партизанска, Осми септември, ОУ Стив Наумов, ул. Македонски гемиџии, главен парк и други локации. Претходно, во 2022 беа засадени 452 декоративни и 10 листопадни дрвја“ стои во информацијата од општина Битола.

Утрово СДСМ преку соопштение реагираше:

„Градоначалникот Тони Коњановски и локалната власт на ДПМНЕ ги сечат дрвјата кај поранешната ветеринарна станица!!! Со полициска асистенција, се прави простор за изградба на кружен тек со димензии на спортско игралиште!!! ДПМНЕ и Коњановски го губат контактот со реалноста. Насила туркаат проекти со кои граѓаните не се согласуваат“ напиша од СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО ДПМНЕ. Советничката Лидија Павловска рече дека локалциве од СДСМ почнуваат да се надминуваат себе си, во лажење, манипулирање и дрско непочитување на граѓаните.

„Не можеме да веруваме, дека по сите кажани лаги во Шарената револуција, по сите гушкања на дрвјата и објектите, дека сеуште се во обид некој да ги сфати сериозно и дека и натаму не разбираат многу просто и едноставно: старите финти веќе не поминуваат! Навистина незнаењето, неинвентивноста и лицемерието кулминираат во реакцијата за кружниот тек на улицата Прилепска со улицата Баталјон Стив Наумов. Но, овој пат има и една друга страшна појава. Појавата на амнезија, затоа што тие советници, истите, кои денес се кријат зад бледи, лажни партиски соопштенија ја поддржаа Програмата за уредување на градежно земјиште. Почитувани граѓани, Програмата за уредување на градежно земјиште помина едногласно и сите советници гласаа за неа. И овој проект, легитимно покрај едногласната поддршка на седницата на Советот на општина Битола е поддржан и од мнозинството граѓани кои гласаа на локалните избори за градоначалникот Коњановски и неговата програма и визија за Битола. Во овој дел од градот, реална е потребата од интервенција и средувањето на сообраќајниот хаос, преку промена на сообраќајниот режим од крстосница со сигнализација во крстосница со кружен тек, а проектот опфаќа покрај коловозот, реконструкција на канализационата мрежа и улично осветлување.   И на крајот, друг пат, господо од СДСМ, неколку препораки, добро читајте и активирајте ја барем малку меморијата“ рече Павловска.

Попладнево СДСМ со видео од седница од септември 2022 година се огласи за да се види каков бил нивниот став за ова тема.

„Срамота, ДПМНЕ, Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски лажат дека проектот за кружен тек кај ветеринарното бил изгласан едногласно во Советот на Општина Битола!!!

На седницата одржана на 16 септември 2022 година, нашите советници Јасмина Буневска Талевска и Борче Корлевски кажаа зошто нема да го поддржиме овој проект!!!

Постојат снимки, постојат записници кои ги демантираат лагите на ДПМНЕ, Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски“ напишаа од СДСМ.

Исто така и ВМРО ДПМНЕ со видео од седницата во декември 2022 година потсетуваат како се гласало тогаш.

„СДС Битола лаже! Изградбата на кружниот тек на улица Прилепска едногласно е поддржана од сите советници“ напиша советникот Бојан Бојкоски.