Звуци на италијански и шпански теми во Битола

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Во Битола во тек е 28-то издание на Интернационалниот фестивал на класична музика Интерфест. Пред битолската публика настапија Лапо Ванучи – гитара и Лука Ториџиани- пијано. На програмата „Звуци на италијански и шпански теми за 88 клавиши и 6 жици“ дела од Матео Каркаси, Марио Кастелнуово-Тедеско, Федерико Морено Тороба, Франциско Тарега, Тереза Прокачини, Франческо Ди Фиоре и Џералд Швеберге.

Лапо Ванучи е роден во Фиренца 1988 година. Своите студии ги започнал со Рикардо Бини, а потоа ги продолжил на Конзерваториумот „Луиџи Керубини“ во Фиренца. Дипломирал под раководство на професорот Алфонсо Боргезе. Лауреат е на бројни награди на интернационални конкурси. Предава на повеќе значајни музички институти и на Лицејот „Тито Скипа“, настапува редовно на најзначајните музички сцени во Италија и има туреи во Малта, Јапонија, Германија, Шпанија, Франција, Романија и др. Свири на гитара која за него ја изработил познатиот јапонски градител Масаки Сакураи.

Уметничката кариера на Лука Ториџиани започнува во 1992 со престижната турнеја во Јапонија, каде тој одржал и приватен почесен концерт за Царското семејство. Студирал во Музичката школа во Фиренца, каде ги освоил највисоките оцени за пијано, оргули и композиција, дипломирал на истиот Конзерваториум во класата на Даниела Де Сантис. Добитник е на многу интернационални награди. Покрај големата концертна активност, Ториџиани е професор на Конзерваториумот во Падова и член на жири на многу меѓународни конкурси.

Share.