Здивот на смртта( Дах смрти), нова збирка песни на Зоран Пејковски

Во издание на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ објавена е збирката песни „Дах смрти“ на плодниот македонски автор Зоран Пејковски.

Стиховите на еден од најактивните писатели на македонскиот културен простор, Зоран Пејковски,  е објавена на хрватски јазик во препев на писателката и поетеса Снежана Алексиќ-Станојловиќ.

„Станува збор за трагична лирска исповед напишана во мигови кога дошло време за разделба со еднаш и кратко дадениот живот додека здивот на смртта своите студени усни како отворени рани за кои нема мелем се множат по телото. Не останало ништо од човекот, времето и просторот. Постои само зборот не како утеха, туку како верба со него и во одговорноста пред него како писмо да се остават аманети, пораки и поуки до поколенијата и идните времиња. Тонот на приказната/приказните е повишен и секоја песна поседува сопствено епско раскажување“, ќе напише проф. д-р Васил Тоциновски.

Инаку, оваа збирка песни за првпат е објавена во 2018 година, во издавачката куќа „Феникс“ од Скопје, а во 2019 година беше направена и аудио книга. Во оваа аудио книга, стиховите ги кажува актерот на Народниот театар од Битола, доајенот Борис Чоревски. Оваа 2021 година се појави и хрватското издание. Така што сега неговите книжевно-драмски, прозни и поетски остварувања ја достигнаа бројката од 54 дела.

Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и редовен академик на Руската Федерација, а од институцијата Светски амбасадори на мирот (Universelle des Ambassadeurs de la Paix, France & Switzerland) е назначен за почесен амбасадор на мирот. Во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европска Унија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година, член е на Друштвото на светските поети (Poetas delmundo) со седиште во Чиле од 2017., а тој е и почесен член на Сојузот на Украинските писатели од 2018 година. Член е и во друи писателски асоцијации и друштва.

Меѓу другото работи и како академски соработник и предавач по предметите „Театар и „театрологија“ на Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје, а еден период тој беше и асистен на ректорот Јордан Плевнеш. Автор е на над 20 драмски дела, потоа над 20 збирки песни, еден роман, четири научно-истражувачки книги од театрологијата и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.

Сподели