Здивот на смртта-нова збирка песни на Зоран Пејковски

0
147

Деновиве од печат излезе новата збирка песни на академикот Зоран Пејковски, „Здивот на смртта“, во издание на реномираната издавачка куќа „Феникс“ од Скопје“. Станува збор за збирка песни поделена во три циклуси „Морбиди во крвотокот“, „Татковина за покојните“ и „Осмислување на епитафот“ која содржи 36 песни, чии рецензенти се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Христо Петрески.

Инаку, според рецензентот проф.д-р Васил Тоциновски станува збор за трагична лирска исповед напишана во мигови кога дошло време за разделба со еднаш и кратко дадениот живот додека здивот на смртта своите студени усни како отворени рани за кои нема мелем се множат по телото. Не останало ништо од човекот, времето и просторот. Постои само зборот не како утеха, туку како верба со него и во одговорноста пред него како писмо да се остават аманети, пораки и поуки до поколенијата и идните времиња.

Рецензентот проф.д-р Христо Петрески во својата рецензија кон најновата стихозбирка „Здивот на смртта“ од Зоран Пејковски, ќе напомене дека: „Како ретко кој друг автор, битолскиот писател Зоран Пејковски во најновите негови ракописи го покажува и докажува своето растење, зреење, па и зрелост. Така, тој во последниве неколку години директно му погледна на животот, но и на смртта. Неговите песни, драми, проза, сето тоа е обвиено со некоја тајновитост и мистика, но истовремено е и директно и жестоко. И, како ретко кој друг автор, Зоран Пејковски пишува за смртта. Така е и во неговата најнова стихозбирка „Здивот на смртта“. Смртта, всушност, за Пејковски подолго време е опсесивна тема и преокупација. Неговите песни се пророчки, искрени и доживеани, па, би рекле, дури и манифестни и тестаментални. Поезијата од „Здивот на смртта“ е згусната, јадровита, чиста, незамаглена, лапидарна, концизна, мисловна, сликовита и експлицитна. За нејзината кохерентност, конзистентност и когнитивност сведочат напевите во кои е содржана една од најстожерните, најприсутните и најпротивречните теми, а тоа е смртта“. Притоа ќе додаде дека: „Оваа е најдобрата збирка песни на Зоран Пејковски.

Зоран Пејковски е редовен академик и е единствениот натуралист во македонската литература. Тој е драмски писател, поет, прозаист, преведувач и публицист, дипломира и магистрира драматургија, а сега е докторант на Институтот за македонска литература – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Автор е и на „Градот на Јужното Море“,  што се однесува до публицистиката, академик Пејковски автор е на: „Театарот е ритам и стил“  и „Театарот е фабрика за соништа“ .

Пејковски за својот книжевно – драмско – прозни и поетски опус има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои: „За серија информации во популаризација на книгата“ на Културно-просветната заедница на Македонија, во 1992 година; наградата „Празник на липите“, во 2012 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, на истоимената Меѓународна книжевна манифестација; наградата „Медијала“ на „Македонија презент“ за збирката песни „Сега знам“, во 2014 година, како и наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола, за книжевност и литература, за 2014 година, за драмскиот текст „Сите наши кодоши“ и збирката песни „Сега знам“. Потоа, академикот Зоран Пејковски во 2016 година ја добива наградата „Јован Котевски“ за збирката песни „Златна прашина“. Тој истата 2016 година ја добива и наградата „ЕРГО СУМ“ за популаризација и афирмација на театарскиот израз, како и наградата „Прозни мајстори“ за романот „Градот на Јужното море“. При крајот на 2016 година академикот Зоран Пејковски од НУУБ „Св.Климент Охридски“ од Битола ја добива наградата „Св. Климент Охридски“ за придонес во литературата и културата.
Тој е редовен академик на Чувашката народна академија на науките и уметностите и почесен академик на Чувашија.
Зоран Пејковски е преведуван и препејуван на повеќе странски јазици: англиски, француски, српски, хрватски, црногорски, босански, словенечки, руски, бугарски, грчки, албански, португалски, полски, шпански, романски, влашки, итн.