Здравствен дом Битола именуван во ЈЗУ „Д-р Хаим Абраванел“

0
7599

ЈЗУ Здравствен дом-Битола од денеска се именува според познатиот еврејски лекар интернист д-р Хаим Абраванел, кој во периодот од 1946 до 1963 година работел во овој град, неговата внука рече дека доколку дедои бил жив, би бил горд што токму неговото име го носи овој здравствен дом.

Општина Битола освен јавна поддршка на одлуката, најави и отворање простор за други видови соработка на стопански, културен и образовен план, а пак израелскиот амбасадор Дан Оријан најави соработка и во други сфери значајни за двете држави.

-Овој настан е можност да искажеме благодарност некому кој што се вложил во нашиот град. Денешниот настан е потврда на космополитизмот на нашиот град, но и потврда дека денешните генерации го сочувале чувството за почит и за градење вистински вредности кои со државата Израел ќе се продлабочуваат, изјави Наташа Петровска градоначалник на Општина Битола

– За нас именувањето на здравствениот дом во Битола со името на д-р Хаим Абраванел е посебно важно, бидејќи можеме во иднина и заеднички да реализираме многу проекти. Се обидуваме да поврземе повеќе работи и затоа денес во Битола доведовме претставници на две компании од Израел. Едната се занимава со соларна енергија, а другата од сферата на земјоделството. Во Битола имаме повеќе интересни проекти, а денешниот го реализираме во соработка со Министерството за здравство, истакна амбасадорот Оријан.

Според заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски, владината одлука е потврда за досегашната и најава за идна меѓувладина и посебно соработка во сферата на здравството.

-Соработката меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Израел продолжува. Се надевам дека ќе ги користиме искуствата на колегите од Израел и дека директно ќе придонесат за развојот на здравството во нашата држава и градот Битола, бидејќи битолчани тесно се поврзани со израелската држава, посочи Чакаровски.

Од денес пред ЈЗУ Здравствен Дом-Битола поставена е нова информативна табла, како и информативно пано со кус историјат за делото и дејноста на д-р Хаим Абраванел чиј живот згаснал во израелскиот град Бат Јам во 1984 година.