Русија би ги разгледала можните предлози за повторно воспоставување врски со Западот, но ќе размисли дали тоа е воопшто неопходно. Наместо тоа, земјата ќе се фокусира на развивање на односите со Кина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, цитиран од Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера се обрати на Светскиот економски форум во Давос. Во своето обраќање преку видео врска, Зеленски рече дека единствениот руски функционер со кој тој ќе разговара е Владимир Путин.

Тој рече дека средбата со Путин ќе има само една цел, а тоа е да се стави крај на војната.
Украинскиот парламент вчера ги забрани симболите „Z“ и „V“ што ги користи руската војска за да ја промовира нивната војна во Украина, но се согласи со претседателот Володимир Зеленски да дозволи нивна употреба за образовни или историски цели.

Украински суд донесе одлука и нареди апсење на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, обвинувајќи го за предавство.
Јанукович беше претседател на Украина од февруари 2010 до февруари 2014 година, по што побегна во Русија, со која тесно соработуваше и во време кога беше прв човек на Украина.
Претходно Јанукович беше осуден на 13 години затвор за предавство, поради блиска соработка со рускиот претседател Владимир Путин, од кого побара руската армија и полиција да воспостават ред во Украина.
Овојпат тој е обвинет за предавство поради договорот што го потпиша во 2010 година, а кој беше поврзан со продолжување на руската контрола врз Крим. Договорот е познат како Харковски пакт, што и овозможи на Русија да ја задржи својата Црноморска флота во кримското пристаниште Севастопол. Токму Црноморската флота изврши дел од руската инвазија на Украина од крајот на февруари до денес.













