Земјите од Балканот сами да ги проценат условите за влегување во ЕУ

0
273

Москва не гледа никакви проблеми во намерата на балканските земји да се придружат на Европската Унија, но тие самите би требало без надворешен притисок да проценат колку предусловите на Европската Унија им одговараат на нивните национални интереси, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

„Не гледаме никакви проблеми во тоа што балканските земји сакаат да станат членки на ЕУ. Нормално, тие треба сами, без надворешен притисок да проценат колку предложените предуслови за пристапување во ЕУ им одговараат на нивните национални интереси. Секако дека тежнеењата на балканските држави за евроинтеграција не треба да претставуваат пречка за нивната соработка со нашата земја. Секогаш постои желба, секогаш може да се најде заемно прифатлива форма за соработка“, изјави Лавров за бугарскиот весник Международни отношенија.

Лавров потсети дека НАТО е опседнат со идејата за „развој“ на Балканот, што доведува до јакнење на линиите на раздвојување на европскиот континент.

„По вовлекувањето на Црна Гора, не земајќи го предвид мислењето на нејзиниот народ, НАТО ги засилува напорите за забрзување на пристапувањето на Македонија, има слични планови со Босна и Херцеговина. Со тоа се јакнат линиите на раздвојување на европскиот континент и се ослабува архитектурата на европската безбедност. Тешко дека тоа им одговара на интересите на европските народи. Притоа, Алијансата не може да пружи соодветен одговор на главниот предизвик на денешнината – меѓународниот тероризам“, истакна Лавров.

Според него, дошло до забележливо интензивирање на напорите насочени кон поткопување на повеќевековните врски меѓу Русија и земјите од регионот.

„Од нив отворено и ултимативно се бара да направат избор „со нас или против нас“. Со други зборови – или со Москва или со Вашингтон и Брисел. Целта на таквите чекори е Балканот да се претвори во уште еден фронт на судирите во Европа. Сигурен сум дека јавноста во балканските земји е против спроведувањето такви сценарија“, заклучи Лавров.

mkd.mk