Зовиќ инспирација за посетителите и филмаџиите

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Мариово е место кое изобилува со историја, традиција, но и недопрена убавина. Оние кои прв пат ги посетуваат овие предели се воодушевени не само од природата, туку и од културно-историско богатство.

Едно од тие места е селото Зовиќ кое стана препознатливо по Камениот мост кој уште се нарекува Филмски мост. Најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски беше инспириран од оваа убавина и токму во Зовиќ се снимани сцени од играниот филм „Прашина“. Но не само „Прашина“, на мостот и во Мариово се снимани сцени и за најновиот филм на Манчевски „Врба“.

Камениот мост во Зовиќ е една од најпрекрасните глетки во цело Мариово,а токму тој се вбројува меѓу најубавите архитектонски творевини во овој крај. Изграден е од камен, од делкани и приделкани камени блокови. Има лачна форма и прилагоден е на конфигурацијата на теренот.

На местото на овој мост до 1950 година постоел дрвен мост кој не бил сигурен и бил многу тесен. Неговата намена била премостување на Градешка Река. Изграден бил заради комуникација на населението со населените териториите од другата страна на реката. Според кажувањата на селаните, мостот се преполовил под товарол на еден локален селанец кој  заедно со воловите и запрежната кола паднал во реката. Селаните го извадиле и него и воловите, а тој преживеал. Тогаш, селото решила на местото на стариот мост да се изгради нов камен мост. Месното население заедно со Ѓуладин од струшко Лабуништа и неговите работници повторно го изградиле мостот.

Во долниот дел во непосредна близина на реката од страната на селото Зовиќ изградена е Воденица, која населението ја користело за мелење на житарки.

Мостот и воденицата го добиле сегашниот лик во 2014 година.

Непосредно кај приодот кон  мостот на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од црквичето кое во минатото постоело таму.

Селото Зовиќ се наоѓа на 50-тина километри од Битола и е дел од Општина Новаци. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река, расположено помеѓу два ридски гребени на југ и север.

Заради одличната местоположба и природните убавини, често е посетувано од велосипедистите, планинарите и е дел од офф роуд турите.

Иако напуштено и со многу малку жители, селото последните години заживува за викенд и за празници. Не само туристи од Македонија, туку и многу странци доаѓаат да го видат познатиот Филмски мост. Но и да ја пробаат традиционалната храна  на Митко Крстевски кој својата стара куќа ја претвори во Етно Куќа.

Домашно селско лепче печено во фурна, мазник, месо, компири кои се готват под вршник…

Се е уредено во традиоционален стил. Ги има и пронајдените работи од Првата светска војна, кои се нем сведок за ова место кое изобилува со историја, тука пред стотина години војски од сите страни ги воде своите битки.

Моментално во селото постојано живеат неколку домаќинства. Голем број на поранешни иселени жители и нивни потомци сѐ уште поседуваат и ги посетуваат своите куќи, од кои дел се обновени, а дел ги обработуваат и своите имоти. За време на летниот период, селската слава Митровден и одржувањето на Зовичката средба, во селото има и до стотина луѓе.

Share.