Зошто општините не ги користат европските пари?

0
381

Со објавувањето на вториот повик за доделување на грантови во рамки на Проектот за локалната и регионална конкурентност во туризмот, со кој на општините, туристичките здруженија и асоцијации, како и на малите и средни претпријатија им се дава пристап до 14 милиони евра, неповратни средства за поттикнување на туризмот во Македонија денес се одржа инфо сесија во Битола.  Средствата се обезбедени од Европската Унија, преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2, како и од Владата на Македонија, а администрирањето на средствата се одвива преку канцеларијата на Светска Банка во Македонија.На првиот повик минатата година аплицирале 4 општини а меѓу нив не е општина Битола.

-Од првиот повик кој што беше објавен минатата година во март доделени се 4 грантови на 4 општини: Вевчани, Босилово, Крушево, и Чаир, а општина Битола не аплицираше, но имаат шанса да аплицираат во овај вториот и со добро заработен проект секако можат да бидат потенцијални корисници на грантови. Искористени се средства во износ од 2 милиони евра, а со вториот повик е предвиден износ од 14,3 милиони евра кои што можат да ги дадат голем импакт во развој на туризмот во државата, рече Антонија Шишак директор на проектот.

За општините, јавните установи и центрите за регионален развој со овај втор повик предвидени се грантови во висина од 1 милион евра, доколку настапат самостојно или 3 милиони евра доколку настапат здружено две или повеќе општини. За граѓанскиот сектор односно невладините организации, центрите за едукација, и стопанските комори предвидени се грантови во висина од 50 илјади евра за самостојно настапување или 150 илјади евра за партнерско настапување. За приватниот сектор, се предвидени грантови од 100 илјади евра за самоестоен корисник или до 300 илјади евра доколку настапат здружено.

-Очекувањата се општините да го дадат својот придонес во инфраструктурните инвестиции, да придонесат кон подобрување на инфраструктурата, она што значи подобрување на пристапни патишта до одредена туристичка локација, доградба, надградба, санирање на постоечки објекти, а со самото тоа да му помогнат на приватниот сектор со што овие грантови ќе можат да ги искористат за подобрување на нивната понуда, за подобрување на постоечките производи но и за воведување на нови иновативни производи за да ги подобрат своите услужни и сместувачки капацитети, рече Шишак.

Никола Трпеновски сопственик на Хотелот „Капри“ во Битола и долгогодишен концесионер на Автокампот „Крани“ на Преспанското Езеро вели дека доколку се искористат овие средства ќе бидат поконкурентни на пазарот.

-Сигурно овие средства се многу неопходни за туризмот во Битола и пошироко. Затоа што ние цело време се оптеретуваме, влегуваме во некои обврски.Помошта во делот на вакви проекти скоро и да е никаква, доколку овие проекти стигнат до туризмот сигурно ќе дадат импакт добар во делот на работењето. Ќе не направи поконкурентни . Ние имаме можности да ги подобруваме нашите услуги од една страна, а од друга можеме да направиме нови објекти и нови простори кој што можат да го подигнат она што фали на нашиот град за да се зголеми конкурентноста, рече Никола Трпеновски сопственик на Хотелот „Капри“ во Битола и долгогодишен концесионер на Автокампот „Крани“ на Преспанското Езеро.

Вториот повик беше објавен на 16 ти март.