Иванов: Мојот став е конечен, нема да го потпишам договорот

0
1446

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов одржа обраќање до јавноста во кое соопшти дека нема намера да го потпише договорот кој Скопје и Атина го постигнаа.

-Текстот на договорот е поразителен за Република Македонија, не се менува само уставното име туку и преамбулата на уставот и сите членови каде се споменува името – рече претседателот Иванов.

Според Иванов, Грција успеала да ги исполни своите максималистички барања.

-Тоа што го направи со Македонците во Грција, тоа сега настојува да го направи со Македонците во Македонија. Се што е свето за Македонија е погазено. Правото на неродените да бидат Македонци е ускратено – рече Иванов.

Тој истакна дека „ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за штетен договор“.

-Ваквиот договор не го обединува општеството туку дополнително го поларизира. Ќе се залагам за решение кое нема да го нарушува достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија – рече тој.

Претседателот Иванов го повика мкедонскиот народ да не се плаши.

– Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да потпишам ваков штетен текст на договор – со овие зборови Иванов го заврши својот говор.

novatv.mk