Иванов: На 30 септември нема да гласам

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

„Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, порачал претседателот Ѓорге Иванов пред Обединетата Македонска Дијаспора во Детроит, соопшти Кабинетот на Претседателот.

„Изминативе недели во Република Македонија речиси секојдневно доаѓаат високи странски претставници да ги убедуваат македонските граѓани да излезат на референдумот и да ја прифатат грчката спогодба. Но, притоа, се заборава дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам.

Речиси секој од тие странски претставници со кои се среќавав ми го поставуваше прашањето: кој е мојот став во однос на референдумот за спогодбата.

Ова е мојот одговор.

Во своето обраќање до македонските граѓани во очи на референдумот за независноста во 1991 година, Претседателот Глигоров истакна дека референдумот треба да биде потврда дека Македонскиот народ е народ со долга историја, со разбудена демократска свест, и дека со тој референдум самостојно и одговорно треба да испишеме нова страница на сопственото битисување.

За разлика од тоа, 27 години подоцна, со референдумот за грчката спогодба се брише таа придобивка за која се произнесоа македонските граѓани во 1991 година.

Сакам да ги потсетам македонските граѓани дека во согласност со Член 7, став 3 од Законот за референдум, „никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум.” Секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.

Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Share.