Иванов: Нема да го потпишам Законот за јазиците

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

За денешното носење на Законот за употреба на јазиците се огласи и претсдеталот на државата Ѓорѓе Иванов.

„Најпрво, би сакал да се обратам до народните избраници во Собранието на Република Македонија.

Кога го вратив Законот за употреба на јазиците, детално и правно ја образложив мојата одлука. Побарав од вас внимателно да ги разгледате моите забелешки и очекував да постапите одговорно, совесно и како што налага Деловникот на Собранието.

Внимателно го следев вашето делување во собраниските комисии и на пленарните седници.

Начинот на кој по втор пат го изгласавте овој закон претставува институционално насилие и удар врз демократијата. Се надевам дека сте свесни за преседанот што го правите и за последиците и штетите по правото и правната држава, што во иднина можат да произлезат од овој преседан.

Не само што го злоупотребивте европското знаме на овој закон, туку ги прекршивте и сите правни процедури, постапки и рокови во начинот на неговото носење.

Во ниту еден момент не побаравте консултации со науката и надлежните институции кои се најповикани да дадат свое мислење по прашањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија.

Така не се води држава.

Така не се остваруваат нашите стратешки цели.

Така не се почитува Уставот, нешто на што се заколнавте при стапувањето на вашата исклучително одговорна општествена функција.

Почитувани,

Во периодот на доделувањето на мандатот на сегашниот премиер, во неколку наврати јасно и јавно укажав дека прашањето на употреба на албанскиот јазик не смее да го загрози уставното уредување на Република Македонија.

Од тие причини, од тогашниот мандатар, а сегашен премиер, побарав да добијам писмени гаранции дека новата коалициска влада, со своите политички мотивирани потези, нема да го загрози суверенитетот и уставниот поредок на Република Македонија.

Гаранциите беа дадени, но не беа испочитувани.

Законот за употреба на јазиците, на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Во услови на блокада на институциите, голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на нашето уставно уредување.

Законот за употреба на јазиците е неправеден и репресивен закон, кој фаворизира само еден јазик. Ваков закон ќе ги продлабочи меѓуетничките тензии и претставува закана по меѓуетничкиот соживот.

Почитувани граѓани,

Преминат е предвидениот рок од 30 дена за отворање на собраниската дебата, заобиколена е расправата по пратеничките амандмани на опозицијата, игнорирани се советите од Европската Унија, повреден е Уставот на Република Македонија и деловникот за работа на Собранието.

И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој закон не е израз на демократијата. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија. Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон. А неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон.

Како Претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам.

Затоа, нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин. Закон со кој се злоупотреби европското знаме, закон за кој не се водеше дебата по амандманите кои произлегоа од моите укажувања, закон кој се изгласа вон сите процедури, закон кој е противуставен и закон кој ги крши дадените гаранции.

Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон“ вели претседателот Ѓорѓе Иванов.

Share.