Ивона Талевска призна вина за даночно затајување

0
579

Ивона Талевска, уредничката на ТВ Сител пред Судот денеска призна вина за даночно затајување, објави порталот Нова Тв.

На прашањето дали чувствува вина за стореното кривично дело во случајот на СЈО наречен „Тифани“ таа одговори: „Да“.

Обвинителот од СЈО во завршен збор рече дека при одмерување на казната за обвинетата Талевска, Судот треба да ги има предвид олеснителните и отежнувачките околности. Олеснителни се тоа што таа го признала кривичното дело, а отежнувачки е долгиот временски период во кој било извршувано кривичното дело.

Одлуката за „Тифани“ судот ќе ја соопшти денеска.

Случајот „Тифани“ се однесува на кривично дело што траело од 2008 до 2014 година, при што Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ за даночните 2008 – 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што одбегнала да плати 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.