Во киното „Манаки“, битолчани имаа можност да го проследат визуелниот – театарски спектакл „Нож“, работен според оригиналниот драмски еп „Нож“ од македонскиот писател Зоран Пејковски. Преку еден театарско-визуелен спектакл пунликата имааше можност да го види и почувствува на битолската културна сцена драмскиот еп од оригиналниот и единствен натуралист во македонската литература Зоран Пејковски, кој токму на ваков начин ја претставува крвавата битка на Ножот. Овој драмски еп е одигран од врвните македонски актерски имиња: професорот Роберт Велјановски, Петар Горко, Рубенс Муратовски и Васко Мавровски. На сцената зборуваше и рецензентката проф. д-р Виолета Ачкоска. Таа од историски аспект ја потврди и покрепи автентичноста на битката, а говореше и историчарот м-р Александар Јаневски.

Режисерот на овој визуелно-театарски спектакл Благојче Божиновски, во целата приказна за Ножот ги вкомпонира и Никола Зацески, оперски музичар, кој изведе неколку музички нумери од тој период, отсвирени на кавалот на Гоце Пиловски.
На овој, би рекле, несекојдневен културен настан присутни беа и сите оние кои сакаа да ја почувствуваат емоцијата прикажана и преку еден мал, но стар видео запис, од последниот преживеан комита кој бил во четата на војводата Иван Наумов Алабакот, кој во кратки црти, во своите 90 години зборуваше за битката на Ножот. Присутен беше и Неговото Високо Преосвештенство, г. Петар кој на целиот настан му даде благослов.












