Во Културно информативниот центар на Македонија во Загреб, беше презентирана изложбата „Преку граници и бои“ на ликовниот уметник од Македонија, Башким Меџити. Тој е роден на 16. јули 1965 година во Гостивар. Во 1991 година дипломирал на Уметничкиот факултет – Сликарска насока во Приштина. Од 1992 до 2004 година работи како наставник по фигуративна уметност во техничкото и основното средно училиште „Исмаил Кемали“ во Гостивар. Тој е еден од основачите на Факултетот за уметности во Тетово во 1994 година, каде што работи како редовен професор по предметот Акт. Магистрирал сликарство на Факултетот за уметности во Приштина во 1998 година.

Остварил околу 30 самостојни изложби во земјата и странство (Берлин, Париз, Њујорк, Грац) и учествувал на многу групни изложби. За своето творештво уметникот Меџити вели: „Сакам да сликам во динамичен дух, со движења на моќни и слободни потези на четки комбинирани со шпакла, истурени бои, понекогаш моќни, а понекогаш омекнати и збогатени со цртање со комбинирана техника“.
Целиот овој процес, како што вели, му дава да размислува и да дејствува барајќи графички пробив, контраст, хармонија, преплетување на слоеви со боја, тонови, текстура, го одржува напредокот на сликарскиот процес за да се постигне динамичена композиција бидејќи во природата сè е во движењето, и сè се менува .

Инспирацијата за сликање ја наоѓа од природата и природните ресурси кои го опкружуваат, како и од изворите на различното творештвото : литература, историја, музика, филм, драма..т.н. Сето ова за сликарството му дава неограничени можности да истражува многу димензии на емоциите од гореспоменатите инспирации. Од друга страна создава возбудливи одговори родени од самиот процес на сликање. Спонтаните постапки, случајните точки, линиите, буквите, симболите и потезите на четката претставуваат борба или танц со потсвеста за да се открие нејзината содржина преку чист израз.

Сликањето во духот на апстрактниот експресионизам му дава слобода да прекршува многу правила, тука ја црпи инспирацијата од формата, бојата и структурата на предметите. Апстракцијата му дозволува да ги користи своите чувства, интуиција и креативност и слободна експресија.
„Ми се допаѓа креативниот процес во кој ништо не е во ред и доброто доаѓа од самата игра со линии, бои, тонови, текстури, форми Tака сликам нешто што веќе постои или постоело, но на сосема поинаков начин со разделување и апстрахирање во модерен и уметнички дух. Мојата цел е набљудувачот да гледа на сликата на сосема нов начин, со сосема поинаква перцепција од вообичаената, што ќе го поттикне на истражување на сопствените мисли и верувања“, истакнува уметникот.












