Изложба на Малиот битолски Монмартр за Денот на независноста

Културно информативниот центар Битола и Малиот битолски Монмартр, го одбележаа јубилејот 30 години Ден на независноста на Македонија со традиционалната ликовна изложба која по овој повод низа години наназад ја реализира “Малиот Битолски Монмартр”, а кој оваа година одбележува и сопствен јубилеј, 40 години од основањето.

На настанот кој се реализираше во објектот на КИЦ Битола “Кино Манаки” пред присутните гости, љубители на уметноста се обрати директорката Сандра Котевска која истакна:

“Почитувана градоначалничке Наташа Петровска, почитувани битолчани, љубители на уметноста, драги колеги и борци за културата и уметноста во Битола. Особена чест ми е вашето присуство вечерва за овој  голем повод и оваа прекрасна причина, и покрај моменталните лоши временски услови.

Најнапред го честитам големиот државен празник, Денот на независноста поточно јубилејните 30 години независнот, кој што го одбележуваме со овие прекрасни ликовни дела на повеќе млади уметници под покровителство на еден голем битолски бренд “Малиот Битолски Монмартр”.

Во име на ЈОУ КИЦ Битола би сакала да се заблагодарам на Градоначалничката Наташа Петровска за поддршката кон оваа културна институција.”

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска во своето обраќање по повод настанот пред присутните истакна:

“Уметноста не знае за граници а факт е дека Битола е културен центар. Пред се би сакала да го честитам Денот на независноста а потоа веднаш да акцентирам дека оваа вечер со нас како и изминатите 40 години е Малиот Битолски Монмартр. Чичко Коста е симбол на културното милје на Битола а неговите пионерски чекори пред 40 години и цел животен век посветен на работата со најмладите не задолжи да го негуваме неговото чедо Малиот Битолски Монмартр кој е културен печат на Битола.

Петровска додаде- И тоа негување можно е да се реализира само преку формата на вистински љубители а пред се и креатори на овие уметнички дела и секако наследниците кои останаа после него.

Малиот Битолски Монмартр е установа, бренд на Битола и како таков ние имаме општествена одговорност да сме секогаш тука кога тој има потреба од нас, кога најмладите творат и кога МБМ изложува.

Живееме во тешки времиња на ковид Пандемија кога искрено од душа ни недостигаше низ овие две години детскиот џагор низ Старата битолска чаршија ни сите локации низ градот каде се воодушевувавме на детските ликовни вештини. Пандемијата е реалност со која се бориме. Но тоа не значи дека со вакви микро настани не ја чествуваме културата и активностите на младите амбасадори.Искрено честитки до КИЦ Битола и Малиот Битолски Монмартр за оваа изложба и сите 22 истакната уметнички дела со кои го одбележување овој голем датум за нашата држава.”

Претседателот на Здружението Мал Битолски Монмартр Елена Хаџи Антоновска во своето обраќање истакна: “Добровечер почитувани гости, најпрво сакам да ви се заблагодарам за вашето присуство и воедно да го честитам празникот, денот на независноста! Малиот Битолски Монмартр својот 40-ти јубилеј го слави преку целата година, но на овој ден традиционално се претставува со своја изложба во чест на празникот. Изложените дела се од богатиот фонд на МБМ, но овие денес овде  за прв пат се  изложуваат. Огромна чест и задоволство ни претставува што за прв пат соработуваме со КИЦ и гостуваме во киното Манаки, како знак на благодарност за одличната соработка го подаруваме ова ликовно дело со наслов “Манаки”  чие место несомнено припаѓа токму во оваа институција.

Фотографии -Љупчо Илиевски Машлак

 

Сподели