Импресивни ревии за првиот ден на Модниот викенд Скопје

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Од 1-ви до 3-ти ноември во Музејот на град Скопје, се одржа 20-тото издание на Модниот викенд .

Македонски и дизајнери од регионот ги претставија најновите колекции, во присуство на бројни посетители од земјата и странство. Модниот викенд Скопје започна со претставување на новата зимска колеција „REM“ на Ирина Тошева, преку која таа го истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација. Според неа, потпирањето на секвенци од соништата и потсвесните мисли, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров“ на светот околу нас. Креациите беа изработени од еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот.

Како втора следуваше Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чија модна визија за есен-зима ‘19/’20 е нослива гардероба од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, нудејќи им отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Дава чувство на сила и комфор, независно од животното темпо. Истовремено, ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.

Првата вечер од Модниот викенд беше заокружена со модниот филм и перформансот „+7 HOURS“, во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторот Нели Митева. Во прашање е проект што има за цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното. Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето кое ги „дели“ како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии.

AD Photography

Share.