Интерактив – Битола прослави четири години од своето постоење

Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола прославија четири години од своето постоење. На прославата што се одржа во хотел Премиер присуствуваа бројни соработници, граѓански активисти, новинари и градоначалници.

Претседателот на здружението Интерактив, Мартин Николовски истакна дека успехот на една организација се должи на тимската работа, за што рече дека пример за тоа е токму Интерактив – Битола.

„Денес Интерактив – Битола слави четири години од своето постоење. Кога во 2017 година група на млади ентузијасти одлучивме да го формираме ова здружение, воопшто не бевме свесни во кој правец ќе се движиме. Меѓутоа денеска имаме единствена цел, а тоа е Интерактив да биде организација од младите и за младите, организација која што ќе работи на проекти во интерес на младите луѓе.” – изјави Николовски.

На одбележувањето на 4-годишнината од формирањето на здружението, претседателот Мартин Николовски и додели плакета на професорката на Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола, Проф. д-р Моника Марковска за особен придонес во работата на здружението.

„Кога го формиравме ова здружение голема поддршка тогаш имавме од нашиот прерано починат пријател Нешат Аземовски, кој всушност е главен виновник за постоењето на Интерактив. Меѓутоа, за растот на здружението, за реализацијата на бројни активности и проекти во последниве две години најголем придонес има токму Проф. д-р Моника Марковска, на која што и ја доделуваме оваа плакета во знак на благодарност за целиот труд што го вложи за развој на здружението.” – додаде Николовски.

Инаку, Здружението за меѓународна младинска соработка „ИНТЕРАКТИВ” од Битола е непрофитна, граѓанска младинска организација која има за цел да обезбеди можности за локалната младина но и соработка со младите на меѓународно ниво. Здружението е основано во јули, 2017 година во Битола, Република Северна Македонија. Целта на здружението е да развива активности и можности за младите во сферата на неформалното образование, промовирање на здрави животни навики, културата и уметноста како и граѓанско општество кои ги поттикнуваат позитивните вредности кај младите луѓе.

Сподели