Претставата „Инферно“, според „Пеколот“ од Данте Алигиери, во режија на Дејан Пројковски и драматургија на Сашо Димоски, која пред многубројната публика во саботата беше изведена на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес, поради големиот интерес ќе има три репризи – в четврток (3 ноември), в петок и в сабота.
Во реализацијата на оваа претстава, заедно со техничкиот дел, се вклучени 63 лица.
Целата претстава е правена преку доминација на говорот на телото во криза.
„ Осмислувањето на ваков театарски проект, во овој ракопис, значеше макотрпен процес на создавање претстава во која секој еден од учесниците е алка од тој синџир без кој конечниот производ е невозможен“, вели Сашо Димоски, директор на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес и драматург на претставата.

Станува збор за претстава која фрла ново светло на пеколните аспекти на темното во секој од нас низ цивилизацијата и нејзиниот развој. Претставата е многуслојна и тргнува од деветте кругови на Дантевиот пекол како основа, но драматуршката решетка е плетена на тој начин што е формиран интертекст во кој се користат огромен број извори од наследството на светската литература со цел да се оформи тој колаж од девет кругови низ кои минуваат Данте и Вергилиј за да влезат во пеколот, за да излезат од него и за да стигнат до портите на чистилиштето.
Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Раде Василев, композитори се Горан Трајкоски и Сашко Костов. Кореографијата е на Олга Панго, сценските движења на Васил Зафирчев, видео – Борче Конзулов и шминка – Зорица Цветковска. Изведба на музика во живо Сашко Костов и Орхидеја Дукова, дизајн на плакат Валентин Светозарев.
Улогите во претставата ги толкуваат: Исидор Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска и други. Освен актери од Велешкиот театар, во претставата учествуваат и студенти од завршните години или веќе дипломирани актери од Универзитетот „ЕСРА“. Претставата има два плакати. Едниот е со главниот лик на претставата, Исидор Јовановски кој го толкува Данте, а другиот е со велешката топилница, која е метафора за еден локален пекол кој беше и национална катастрофа.
Пројковски, кој е еден од најуспешните режисери во регионот, ја потпишува режијата и на претставите „Ана Каренина“ и „Ричард Трети“ во Нови Сад, „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург. Тој посочи дека претставата „Инферно“ му ја посветува на својот пријател и голем режисер Томаж Пандур (од Словенија), кој во 2016 година, на 52-годишна возраст, почина за време на проба на претставата „Крал Лир“ во Македонскиот народен театар во Скопје.












