Во Битола почина Благоја Багевски – Баге, долгогодишен музички уредник на Радио Битола, каде го помина целокупниот работен век. Баге беше познат не само како музички уредник на неколку радио емисии и радио водител, туку и како важна личност во културниот живот на градот. Своите музички почетоци ги започна со групата „Боцкин“, а подоцна стана член на групата „Битолски конзули“, каде се прослави како исклучително квалитетен хармоникаш.
Покрај музичката кариера, Баге ќе биде запаметен и како значајна фигура во битолскиот ракомет. Како член на славната генерација на РК Пелагонија, која во 1971 година се пласираше во првата ракометна лига на Југославија, Баге остави неизбришлив траг во историјата на битолскиот спорт.
Дел од својот живот Благоја Багевски го помина во Австралија, но последните години ги помина во Битола. Со неговото заминување, Битола загуби еден од своите ценети жители, кој остави значаен печат во музичкиот и спортскиот живот на градот.
Во 2020 година, Баге беше гостин во емисијата „Два пати исто, но сепак различно“ со Петар Ставрев, на Тера Телевизија.
Фото: принскрин/Youtube












