Исцелител на фестивал во Кина

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Филмот Исцелител, кој премиерно беше прикажан и пред битолската публика, ќе се прикажува на 8-то издание на престижниот меѓународен филмски фестивал во Пекинг. Филмот ќе ја има својата кинеска премиера во официјалната натпреварувачка програма Forward Future на 23-ти април.

Меѓународниот филмски фестивал во Пекинг е основан во 2011 година. Следејќи го сè поголемиот интерес за меѓународни филмови на публиката во Кина во последната деценија, фестивалот се обидува да обезбеди висококвалитетен и престижен настан за интеракција на кинеската и светската филмска индустрија. Во последните три години фестивалот во Пекинг го следеле повеќе од милион посетители.

Многубројни холивудски актери и режисери присуствувале на неговите проекции. Некои од познатите личности што минатите години го посетиле фестивалот се: режисерите Џејмс Камерун, Лук Бесон, Оливер Стоун и Дарен Аранофски, актерите Кијану Ривс и Жан Рено, актерката Натали Портман и други.

Оваа година претседател на жирито е легендарниот Вонг Кар-Ваи, авторот на култните Расположени за љубов и Чанкинг експрес, а член на жирито е Рубен Остлунд, режисерот на минатогодишниот добитник на Златна палма, филмот Квадратот. На фестивалот ќе се прикажат повеќе од 500 филмови, а во рамките на фестивалот ќе се одржат и денови на филмската индустрија, изложби и ретроспективи.
Ова е премиерно прикажување во Кина на Исцелител.

Share.