Италијанскиот хармоникаш Џанлука Кампи настапува на Интерфест

Претпоследната вечер на Интерфест е резервирана за концертот на Џанлука Кампи кој свири на хармоника. Тој е роден во 1976 во Џенова, Италија, а на 11 годишна возраст започнал да учи да свири хармоника со Џорџо Бикиери и хармонија со Паоло Конти.

На само 12 години победи на Меѓународниот натпревар Верчели за хармоника и потоа, исто така, беше прв на Италијанскиот натпревар во Џенова, добивајќи големо признание, како и пофалби од Франко Русо и целото жири, составено од експерти во музичката област.

На 13 години повторно ја освои првата награда на Меѓународниот натпревар Верчели, добивајќи комплименти од Волмер Белтрами, кога е наречен Паганини на хармоника, за неговата интерпретација и  виртуозност.

Како солист, тој има настапувано на многу сцени, настапи проследени со одлични критики. Во 2000 година го освои „Светскиот трофеј Алкобаса“ во Португалија, како најдобар хармоникаш во категоријата „Вариети“.

Широкиот репертоар на Џанлука Кампи се состои од делата на Бах до Албениз, Адамо, Волпи, Росини, Хачатуријан, Шуберт и, преку хармоника, оригинален и нов Паганини.

Во своите концерти, покрај класичната музика, тој сака да ги вклучува препознатливите танго танци на Астор Пијацола, унгарските танци, итн, како и некои негови аранжмани, секогаш комбинирајќи ја техниката со природното чувство за интерпретација.

Тој, исто така, соработува со камерниот ансамбл на Конзерваториумот „Николо Паганини“ во Џенова и, како наставник, држи часови во Алесандрија и во музичкото училиште „Франческо Цилеа“ во Савона.

Џанлука Кампи пред неколку години настапи како дел од камерниот ансамбл “Мањаско трио” во Скопје.

На Интерфест ќе изведе дела од Вивалди, Штраус, Паганини, Росини, Монти   .

Концертот е со почеток од 20 часот.

 

Неда Маретиќ

Сподели