Итен состанок на СБ на ОН поради нападот во Сирија

0
240

Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи итен состанок посветен на нападот со хемиско оружје на сирискиот град Дума, јавуваат агенциите.

Состанокот е закажан на барање на девет од 15 членки на ова тело – САД, Велика Британија, Франција, Полска, Холандија, Шведска, Кувајт, Перу и Брегот на Слоновата Коска.

Активисти на сириската опозиција наведуваат дека силите на сириската влада во воздушен напад на Дума, во близина на Дамаск, употребиле отровен гас, од кој настрадале најмалку 40 лица.

Тие наведуваат дека цели семејства се задушиле во своите домови и засолништа, а на фотографиите што ги објавила спасувачката организација „Сини шлемови“ се гледале деца како неподвижно лежат на под, а од устата им излегува пена.

Претседателот на САД, Доналд Трамп за нападот ги обвини силите на сириската влада на претседателот Башар ал-Асад, која ги отфрли ваквите наводи.

Руската армија, пак, денеска соопшти дека се запрени борбите во градот Дума, кој е под контрола на бунтовниците и дека конвој автобуси влегол во градот за да евакуира бунтовници и нивни семејства.

Шефот на рускиот Центар за помирување во Сириј, генерал Јуриј Јевтушенко изјавил дека руската војска постигнала договор со т.н. „Војска на исламот“ да повлече 8.000 свои борци и околу 40.000 членови на нивни семејства. Според него, конвој од околу 100 автобуси влегол во Дума за да почне евакуација.

novatv.mk