Итни мерки само за Скопје и Тетово

0
1448

Утринава стапија во сила итните мерки за намалување на аерозагадувањето откако два дена по ред загадувањето на воздухот беше над дозволеното, осносно над 200 микрограми на кубен метар, посебно на мерните станици во Лисиче, Ректорат и Тетово, соопшти владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Со мерките на Министерството за здравство и Министерството за животна средина се предвидува ослободување од работа на бремените жени, лицата постари од 60 години и хронично болните од астма и со преживеани срцеви и мозочни удари. Во мерките спаѓаат и забрана за одржување спортски и други манифестации на отворено, како и прилагодување на времето за работа на работниците кои работат на отворено во период од 11 до 17 часот.

Во вонредни мерки спаѓаат и зајакнати инспекциски контроли на Државниот инспекторат за животна средина на капацитетите кои подлежат на А интегрирана дозвола, како и зајакнати контроли од општинските инспекции на капацитетите со Б интегрирана дозвола, како и да се даде препорака за намалување на капацитетот на производство до 50 проценти со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија и да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Со вонредните мерки се опфатени и градежните компании кои треба редовно да ги измиваат градежните возила при излез од градилиштето, а транспортот на градежните возила и машини да се прави во 7.30 часот.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбеди да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Во мерките се наложува сите органи на државната управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 проценти употребата на службените возила.