Третата недела од септември се одбележува Европската недела на мобилност. Како и секоја година така и оваа СВР Битола заедно со своите партнери се вклучи во одбележувањето, со цел поттикнување на велосипедизмот и велосипедот како мобилно и алтернативно превозно средство.
„Од 16 до 22 септември односно третата недела од септември низ цела Европа се одржува Европската недела на мобилност во сообраќајот. Така и ние како МВР преку СВР Битола ја одбележуваме оваа Eвропска недела за мобилност и тоа овие два дена, вчера и денес. Целта ни е да ги фаворизираме немоторизираните начини на транспорт низ градовите со што би постигнале поголема сообраќајна култура, побезбеден сообраќај, секако поевтин сообраќај и да ја градиме сообраќајната култура, почнувајќи пред се од најмалите учесници во сообраќајот“, изјави Сања Стаматова.
„Активни учесници во одбележувањето на Европската недела на мобилност, се УКЛО и останатите соработници: СВР Битола, Народна техника Битола, ИМКА Битола, Велосипедски клуб Пелистер 15 МАЈ, Црвен крст Битола, Општинските совети: за безбедност на сообраќајот на патишта и за превенција од детско претстапништво, Националната мрежа за спорт и млади, во соработка со училишни сообраќајни единици од основци и средношколци од повеќе битолски училишта, потпомогнати од јавните претпријатија Стрежево и Комуналец. Меѓу поддржувачите и учесниците на настанот беа Македонско-Американската алумни асоцијација, Europe House Bitola Podcast Corner и Американското катче Битола“, рече Сузана Елковска претседател на Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност се вклучи и Општина Битола.
„Општина Битола ги поддржува сите активности: на локалниот совет за безбедност во сообраќајот, советот за превенција од детско претстапништво, како и другите учесници во рамките на Европската недела на мобилност. Тука сме да дадеме поддршка на сите овие настани, затоа што Битола, навистина е желна за вакви настани и манифестации со кои ќе дадеме целосен придонес за безбедност во сообраќајот, поддршка за пешаците и велосипедистите. Во таа насока се и сите активности кои ги преземаме и како локална самоуправа и со проектот кој го предложивме до Советот на општина Битола за велосипедските патеки. И тоа не се само велосипедски патеки, туку и реконструкција на тротоарите. Тоа е во склоп на се она што градот го бара, зошто да напоменеме дека сите имавме иста заложба и во предизборието и сега, дека на градот му треба многу подобра организираност во делот на сообраќајот, се разбира во соработка со МВР, а со тоа да обезбедиме и простор за пешаците и велосипедистите,“ изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Според податоците од испитните центри бројот на возила во последната деценија е зголемен за околу 13 илјади возила.
„Гледајќи статистички бројот на автомобили е зголемен последните две години споредбено со изминатите, меѓутоа со нашата упорност пред се од најмала возраст кај децата од градинките и основните училишта, преку нашите едукативни работилници успеваме да проработиме на свеста од најмала возраст да фаворизираме помалку автомобили, алтернативни начини како тротинети, велосипеди со што би постигнале поздрава животна средина и секако побезбеден сообраќај,“рече Стаматова.
Во одбележувањето на Европската недела на мобилност годинава се вклучија 2820 градови од 43 земји во светот.