И во Битола почна најавениот штрајк на Управата за водење матични книги. Иако вработените беа на работните места, денеска сите оние што се упатија до матичното наидоа на затворена врата. На влезот беше ставено соопштение на кое пишуваше : Штрајк на независниот синдикат на управата за водење на матични книги, датумот денешен и почетокот на штрајкот 8 часот. На известувањето беа посочени и барањата за покачување на платите и донесување на колективен договор. Граѓаните поради штрајкот на вработените не може да вадат изводи од родени, да се запишуваат починати лица, да се издаваат решенија за слободна брачна состојба и венчаници. Нема да функционира ниту електронската нарачка на документите, односно тие барања нема да се процесуираат.
Побаравме изјава за тоа како тече штрајкот, но ни беше речено дека претставникот на синдикатот во тој момент не бил присутен во матичното одделение и не упатија да си прочитаме на социјалните мрежи бидејќи се таму било наведено.
Како што вчера изјави претседателот на Синдикатот на управата, Тони Милошески, барањата се да се донесе колективен договор за сите вработени во УВМК, линеарно да се покачат платите и тие да се зголемат за 30 проценти. Исто така, околу 500 вработени бараат да им бидат признаени звањата и да работат на позиции соодветни на искуството и образованието, а не како што е сега, сите независно од звањето да работат иста работа.












