ТЕРА

REKLAMA???

„И ЈАС СУМ ТУКА“ ИЗЛОЖБА НА ПОРТРЕТИ ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ

Изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска отворена и во Битола. Изложбата вклучува 20 лица со посебни потреби од повеќе градови од Македонија на различна возраст, а портретите се придружени и од приказни посветени на нив.Меѓу 20-те портрети се застапени и пет лица кои се дел од Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака Неготино“.Изложбата поттикнува да се зборува гласно за луѓето меѓу нас, кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме.

„Имавме разговор со дваесетмина од деца до возрасни, згрижени лица, луѓе со различна животна ситуација. Меѓутоа на сите нив како заеднички содржател им пречи кога не се доволно почитувани, дали од другарите на улица, од инстуитуција, на училиште, неприфатеноста. Никој не сака да биде изолиран, да биде неважен. Затоа и пораката на овој проект е дека преку култура и уметност можеме многу поедноставно да допреме до публиката, децата, но пред се и до возрасните затоа што децата предрасудите ги стекнуваат од нас“, рече авторката Сребра Ѓорѓијевска.

И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението на граѓани за поддршка на лицата со посебни потреби „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени преку активности реализирани во училиштата.

Изложбата ја отвори директорката на Центарот за култура Маја Андоновска – Илијевски, a присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Целта на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ е да се смени стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, да се намалат стигмите и да се крене свесноста за интелектуалната попреченост, вели Ануки Стуруа, проект-менаџер на „Децата не се раѓаат со предрасуди“.

„И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат“ – велат авторите.

„За нас ова беше едно големо патување и се уште е. Започна минатата година во ноември во Скопје и се трудиме во што повеќе градови да ја однесеме изложбата. Бевме во Гевгелија, Богданци, Неготино, Кавадарци, а есенва продолжуваме со овој караван низ Источна Македонија. Се трудиме со изложбара да ги посетиме сите градови од каде беа нашите херои. Тие беа пресреќни што им се случува една ваква работа, пресеќни да се видат на голема фотографија. И до еден човек или едно дете да допреме ќе биде успех“, рече Ѓорѓијевска.

На настанот беше промовирана и книгата „И јас сум тука“, во која се сместени сите приказни на луѓето-учесници на изложбата, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот, книга со цитати на актерите од театарот „Глада Худик“ од Шведска.Основач на проектот е театарскиот режисер, продуцент, сценарист Пер Јохансон .Во Центарот за култура беше прикажан и документарниот филм „Модна ревија.

Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског е популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк.

Изложбата „И јас сум тука“ беше прв пат претставена пред јавноста во ноември во Кинотеката на Македонија.