Кавга за планинарскиот дом „Копанки“

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ денеска се огласи со соопштение до јавноста за како што велат поништеното решение од страна на ресорното министерство.

„Министерството за транспорт и врски го поништи незаконското решение со кое Општина Битола се обиде да го присвои планинарскиот дом Копанки!
Постапувајќи по жалбата на ПСК Пелистер, Решението на Општина Битола од јуни годинава со кое се оспоруваше сопственоста на ПСК Пелистер врз домот Копанки, Министерството за транспорт и врски утврди дека е незаконско и целосно го поништи.
Во оваа прилика, по којзнае кој пат, потенцираме – домот Копанки отсекогаш бил сопственост на ПСК Пелистер. Темелите се поставени уште во 1938 година со средства и волонтерска работа на планинарите, со многу тешкотии и опструкции – исто како и денес. Никогаш не бил сопственост на државата или на друг субјект, освен на планинарите! Денешните членови на ПСК Пелистер се само чувари на тој имот, а ќе го остават во наследство на наредните генерации. Копанки само на овој начин бил и ќе остане заедничко добро на сите планинари и сите битолчани“ стои меѓу другото во соопштението на ПСК „Пелистер“.

На ова со реакција се огласи општина Битола.

„ Општина Битола, водејќи се од начелата на законитост и транспарентност, во интерес на битолчани, ја информира јавноста за постапката во врска со Планинарскиот дом Копанки, а која се однесува на решението на Министерството за транспорт и врски, во врска со жалбата на Здружението ПСК Пелистер.

Имено, Министерството за транспорт и врски, решавајќи по жалбата на Здружението ПСК Пелистер, одлучи предметот да го врати на повторна постапка во општината, од формално – правни причини за текот на управната постапка, со одредени насоки за донесување на соодветно решение во однос на легализацијата на Планинарскиот дом Копанки.

Здружението ПСК Пелистер, кое не било имател на бесправниот објект и согласно законот, не може да биде подносител на барање за утврдување на правен статус, погрешно го протолкува решението на Министерството за транспорт и врски и го пренесува на свој начин. Напротив, со решението на Министерството за транспорт и врски уште повеќе се потврдува дека општината е во право што ја оспорува легализацијата на планинарскиот дом Копанки“ стои меѓу другото во реакцијата на општина Битола.

Share.