Каква вода пиевме во 2017 година?

0
561

Во текот на 2017 година анализирани се вкупно 520 примероци на вода за пиење од градската мрежа и селата приклучени на градски водовод Битола. Од вкупниот број анализирани примероци само 6 примероци или 1.1% се неисправни во однос на физичко-хемиските параметри заради присуство на органски нечистотии. Сите анализирани мостри покажаа бактериолошка исправност.
На подрачјето на Општина Битола 35 селски населби со вкупно население од 10 311 жители со вода за пиење се снабдуваат од сопствени водоводи.
Во текот на 2017 година, од локалните селски водоводи земени се вкупно 181 примероци на вода за анализа. Од вкупниот број анализирани примероци во однос на физичко-хемиски параметри неисправни се 13 примероци или 7.2% најмногу заради зголемена матност и органски нечистотии, а во однос на микробиолошката анализа неисправни се вкупно 131 примероци или 72.3%.
Врз основа на реализираните увиди и извршените анализи на земените примероци на вода за пиење може да се заклучи дека градот Битола и 19 селски населби со 89.1% од вкупно население во Општина Битола со вода за пиење се снабдуваат од градскиот водовод и при тоа користат безбедна вода за пиење. Со вода за пиење од сопствени водоводи се снабдуваат 35 селски населби со вкупно 10 311 жители или 10.8% од вкупното население во општина Битола и истите користат небезбедна вода за пиење што претставува голем епидемиолошки ризик по јавното здравје на овие жители. Од други видови водоснабдителни објекти бунари и јавни чешми со вода за пиење се снабдува само една селска населба.
Од извршените санитарно-хигиенски увиди на каптажите, резервоарите и мрежата кај селските водоводи во Општина Битола од страна на доктор специјалист по хигиена и санитарен техничар, се утврди дека најголем број на објекти за водоснабдување не ги задоволуваат санитарно-хигиенските норми. Немаат дефинирани заштитни зони околу извориштата на вода за пиење, каптажите, резервоарите и водоводната мрежа, истите се стари и не се одржуваат, немаат соодветна опрема за пречистување и дезинфекција на водата за пиење, а доколку имаат тоа се врши нерамномерно и неправилно.
Локаните водоводи во селата Лисолај и Лопатица се превземени од страна на ЈП „Водовод” од Битола кое врши редовна дезинфекција на водата за пиење.
Со цел решавање на проблемот потребно е да се постават одредени правни субјекти кои ќе стопанисуваат со сите локалните водоводи, а со тоа и би се одржувале. За крајно и успешно решавање на проблемот со водоснабдувањето на селските населби со локални водоводи, таму каде што има можност потребно е нивно сукцесивно приклучување на градскиот водовод во Битола. Ова е дел од извештајот што до Советот на општина Битола го испрати Центарот за јавно здравје.

.