Каква ни е сообраќајната култура?

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Пешачки има, но исто како да го нема, кај ќе ни текне таму преминуваме. Паркинг има но исто како да го нема,  кај ќе ни текне таму паркираме. Управуваме  моторцикл без кациги. Нетрпеливи возачи, нервозни пешаци, непрописно паркирани возила по тротоари , отсуство на сообраќајна култура кај сите, доведуваат до секојдневен сообраќаен хаос во Битола . Да прашате возач ќе ви одговори нема доволно паркинг места за да го остави својот автомобил, да прашате пешак ќе ви рече дека поради паркираните автомобили по тротоари мора да се движат на улицата.Секој од свој аспект со свое верување. Експертите велат дека сообраќајната култура ни е на ниско ниво.


– Мора да бидеме реални дека културата ни е на ниско ниво, културата воопшто а посебно културата во безбедноста во сообраќајот, и токму заради тоа се и сите активности кои ги работиме за подигнување на свеста кај граѓаните.Грешките се од повеќе аспекти. Грешките се на страна на сите учесници во сообраќајот, би ги истакнала пребрзото возење, возењето под дејство на алхохол, на страна на возачите, на страна на пешаците непочитувањето на сигнализацијата, непреминувањето на пешачки премин, воопшто непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, рече д-р Јасмина Буневска Талевска, претседател на Советот за безбедност во сообраќајот во Битола.

Вели дека има меѓусекторска и меѓуинституционална интеграција во насока на подигнување на свеста за сообраќајната култура. Но тука се поставува прашањето како да се подигни света кај граѓаните?

-Ќе почнеме со децата. Веќе почнавме со формирањето на училишните сообраќајни единици. Би било добро доколку тие училишни сообраќајни единици да бидат и училишни единици за мобилност па на тој начин ќе можеме да ја подигнуваме и свеста за користење на велосипед, свеста за пешачење, свеста за користење на јавниот градски превоз. Кога ќе ги интегрираме безбедноста и мобилноста, и очекуваме резултати, додаде Буневска Талевска.

Иако секојдневно од полиција стигнуваат информации за извршени контроли врз возила, каде што граѓаните се казнуваат за направените прекршоци, очигледно и казнувањето нема голем ефект.

-Кога кампањите се континуирани, кога кампањите се секојдневни, тогаш сигурно дека ќе има ефект и казната е една од мерките, но секако препорачуваме да биде последна во низата мерки. Меѓутоа кампањите со сите групи учесници во сообраќајот е она што може да влијае и сигурна сум дека ќе влијае на подигнување на свеста, додаде Буневска Талевска.

Прашавме дали таа како експерт е оптимист дека ќе се подигне свеста кај луѓето за сообраќајната култура.

-Мора да бидеме оптимисти, да даде секој од нас придонес. Моето мото, не само со назначувањето на европски амбасадор на културата во сообраќајот, туку и претхподно беше Нека секој ден ни биде ден на културата во сообраќајот, рече Буневска Талевска.

Инаку по дефиниција Сообраќајната култура е специфичен вид на култура која треба да ја поседуваат сите учесници во сообраќајот. Тоа е важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и умеење да се управува со возило, туки и начин на движење и однесување во сообраќајот кој ќе биде сообразен со општите интереси на учесниците во него и интересите на неговата безбедност. Меѓутоа, постојниот воспитно-образовен систем очигледно дека тоа не го постигнува.

Share.