Советничката група на СДСМ ќе поддржи ребаланс на буџетот на Општина Битола само доколку има зголемување на капиталните расходи за проекти од значење за градот, а не помала група на луѓе, и доколку се направи драстично намалување на трошоците за разни трансфери и договорни услуги, рече на денешната прес конференција, Петар Николовски, советник од СДСМ.
„До Советот на Општина Битола меѓудругото ќе предложиме и ја очекуваме поддршката од сите советнички групи, со ребалансот на буџетот да се обезбедат:
– сите потребни средства за реконструктивни зафати во Спортската сала Боро Чулевски за да се исполнат критериумите Еурофарм Пелистер да ги игра натпреварите од Лигата на шампионите,
– 100.000.000 денари за изградба на тартан атлетска патека на стадионот Петар Милошевски,
– 30.000.000 денари за патот од мостот на Драгор кај Довлеџик и кружниот тек за Пелистер,
– 15.000.000 денари за канализациона мрежа во село Буково,
– 10.000.000 денари за канализација во село Лавци,
– 4.000.000 денари за изработка на проект за канализација за село Нижеполе и Дихово.
До одржувањето на седницата на која ќе се разгледува ребалансот на буџетот, ги повикуваме граѓаните да предложат до нас советниците проекти за кои ќе побараме средства за реализација. Советот на општината и градоначалникот мора да ги почитуваат желбите и потребите на граѓаните“ рече Николовски.












