Како влијае загадениот воздух врз здравјето на луѓето

0
328

И денес воздухот во Битола загаден . Така покажуваат мерните станици на Министерството за животна средина. Денеска во 10 часот поголемо беше загадувањето во центарот на Битола отколку во индустрискиот дел на градот. Мерната станица Битола 2 во центарот на Битола покажуваше многу високо загадување со ПМ 2,5 честичките и високо загадување со ПМ 10 честичките. Мерната станица Битола 1 која што ја мери загаденоста во индустрискиот дел на Битола, во 10 часот покажуваше ниско загададување со ПМ 10 честички, а податоци за ПМ 2,5 честичките немаше. Од Центарот за Јавно здравје во Битола велат дека загадувањето во Битола стана секојдневие и има сезонски карактер.Најкритична состојбата е од месец октомври до месец март. Од информациите на Министерството за животна средина дури 134 дена во 2017 година концентрацијата на ПМ 10 честичките била над максимално дозволеното ниво. Од ЦЈЗ велат дека ова претставува сериозен проблем кој што во иднина треба итно да се реши.

-За Битола не се спроведени истражувања за негативните ефекти на загадувањето врз здравјето на луѓето, но сепак постојат бројни светски епидемиолошки студии кој што укажуваат на таа поврзаност. Ако постарите студии ја покажаа поврзаноста на аерозагадувањето со респираторните болести на горен, долен тракт како и поврзаноста на штетните ПМ честички како со појава на ракот на белите дробови, поновите студии укажуваат на директната поврзаност на аерозагадувањето и кардиоваскуларните заболувања, и дека токму аерозагадувањето учествува со 20 до 25% во етиологијата на овие кардиоваскулаторни заболувања, рече д-р Емилија Богоевска од Центарот за јавно здравје во Битола.

Според д-р Богоевска посебно штетни биле фините и ултра фините честички. Фините честики биле со дијаметар од 2,5 микрометри, а ултра фините со дијаметар од 0,1 микрометар.

-Тие имаат способност да навлезат во алвеолите на белите дробови, а преку нив и во крвотокот, и притоа да ги оштетат и крвните садови , го затвораат отворот на крвните садови и се причина за појава на болеста на срцето, со појава на инфаркти, појава на мозочни удари, оштетувања на други ограни и ткива, а доколку ја поминат и таа крвна мозочна бариера, предизвикуваат оштетување на централниот нервен систем, со појава на болеста паркинс, и алцхајмерова болест, вели д-р Богоеска

Најризична група се децата, бремените жени и хронично болните лица.

-Децата вдишуваат поголема количина на воздух а со тоа поголема количина и на штетни супстанции. Највозрасните односно постарите од 60 години, особено тие хронично болните, кој што имаат ризик од морталитет од овие заболувања. Исто така ризична група се и градежните работници и бремените жени, кои како причина од аерозагадувањето може да доведе до предвремен пороѓај, или пак раѓање на детето со помала тежина, рече д-р Богоевска.

Светските податоци говорат дека аерозагадувањето е причина за околу 4 милиони предвремени смртни случаи во светот на годишнно ниво, а во Европа таа бројка се движи од 400 до 500 илјади предвремени смрттни случаи од аерозагадувањето.