Како да се заштитиме од високите температури?

0
171

Метеоролозите предупредуваат на екстремно високи температури во текот на денешниот и утрешниот ден, кои би можеле да се искачат до 42 степени. Во овие два дена ќе имаме сончево и многу топло време со слаб до умерен југозападен ветер. УВ индексот ќе биде 9. Во Битола максималната температура ќе биде 38 степени.

В недела претпладне времето ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи со умерен северен ветер и температури од 30 до 40 степени. Од понеделник дневните температури ќе паднат од 22 до 30 степени, а времето ќе биде променливо облачно, свежо со засилен северен ветер и повремен дожд.

Секоја година високите температури влијаат негативно на здравјето на луѓето во смисла ја влошуваат состојбата кај лицата кои страдаат од кардиоваскуларни болести, респираторни болести, ментални нарушувања. Тоа доведува до зголемување на стапката на морталитет во летните месеци кај вулнерабилните групи на населението, а тоа се старите лица, хронично болни лица, доенчиња и работници на отворено.
Но, можат да се јават и акутни ефекти како резултат на изложеност на високи температури, како што се сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви, функционални нарушувања на централниот нервен систем и други.

Сите овие негативни ефекти се превентабилни, односно можеме да ги спречиме ако се придржуваме кон  препораките за тоа како да се однесуваме при високи температури.
За време на најтоплиот период во денот (од 10 до 17ч.) избегнувајте напорна физичка активност, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности. Неопходните работи завршувајте ги до 10ч или после 17ч.
Носете светла и лесна облека, (зашто светлите бои ја рефлектираат светлината), а при директна изложеност на сонце, ставете заштитни очила и капа.
Останете во затворени климатизирани простори, на температура од 23-25 С.
Внесувајте големо количество течност почнувајќи од обичната вода за пиење, па до минерализирани безалкохолни пијалоци. Одбегнувајте алкохолни пијалоци и пијалоци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалоци.
Внесувајте помало количество храна. Избегнувајте мрсна и високо –калорична храна, како и храна која содржи поголемо количество шеќер.
При неопходен престој на отворен простор најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
Кога сте во своето возило – отворете го прозорецот за да овозможите вентилација на воздухот.

Хронично болните, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести потребно е да бидат посебно дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија.

Други можни ризици по здравјето при високи температури се: Труење со храна и појавата на цревни заразни заболувања! Затоа е потребно пред употреба задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје).

Избегнувајте производи кои термички не се обработени, и бидете внимателни со консумација на сладолед и разни кремови.