Како е да се продава на -22

Утрово поларна зима во Битола со измерена температура од -22 степени. Пазарен ден.  Пазарџии и купувачи речиси и да немаше. Студот беше причина поголем дел од тезгаџиите и купувачите да си останат дома.

Оние пак похрабрите, кои покрај студот решија и овај вторник да продаваат на битолскиот градски пазар, со вообичаените зимски реквизити, односно со ракавици, капи, шалови и топол чај, му се спротиставија на студот, надевајќи се дека колку толко ќе заработат. Еден од нив беше и Трајан Ѓоков. На свои 72 години, денеска иако многу ладно реши да ја отвори својата тезга. Не како вообичаено во 7 часот утрото, туку во 9 и пол поради студеното време. Не беше уплашен за своето здравје. Вели дека половина век продава чај на битолскиот пазар и се надева дека и денес ќе биде побаран од своите стални муштерии, оти нели на студот му се спротиставуваме со топол чај.

 

 

Едни се пожалија на слабата потрошувачка, бидејќи како што велат никој не излегува од дома на вакво студено време за да пазари.

 

 

Други пак кога попушти малку студот, односно кога температурата беше некаде околу -15 степени решија да почнат со продажба. Јужното овошје им беше заштитено од студот, односно целата стока им беше покриена и заштитена од мразот. Рекоа и дека кога има помалку тезги отворени, продажбата им е поголема.

 

 

Работа си е работа, а муштеритте имаат предност. Затоа неколкумината тезгаџии денеска не си зедоа слободен ден.

Сподели