Како улиците, тротоарите и зелените тревни површини да бидат чисти и во функцијата на тоа за што се? Има примери кога на нив се одлага градежен шут и друг комунален отпад, за кој согасно законот има и правила и прописи и казни.

Фотографии од градежен шут до контејнери објави директорот на ЈКП „ Нискоградба“ во Битола Зоран Талевски на официјалната ФБ страна на претпријатието пропратени со апел до граѓаните за правилно одлагање на отпадот. Граѓаните раскажуваат и дека на локалните и магистралните патишта во општината состојбата не е различна. Во летните месеци се позачестена е појавата на мини диви депонии во градско населено подрачје. Но овојпат како да се пречекорени неколку граници. Зошто имаше потреба да се апелира?
„Пред неколку месеци апелиравме до граѓаните во пресрет на сезоната да ги користат услугите за да соодветно го депонираат градежниот шут, но ете, имаме проблеми. Пред две недели исчистивме 14тина диви депонии околу контејнерите , за нецели две недели се создадоа нови петнаесеттина затоа и беше апелот. Во период на летни жештини, кога времето е жешко и уште ѓубрето да ни создава проблеми е многу неубаво.“ – вели Зоран Талевски директор на КЈП„Нискоградба“.

Надлежните претпријатија на дневна основа спроведуваат активности кои се пропишани со законот за животна средина и за комунален отпад. Факт е дека ЈКП „Комуналец“ има поголема работа во летните месеци.
„Можам да кажам дека претежно локациите на коишто се прават депониите се истите и се случува да тоа што денес го чистиме, утре пак да има оставено габаритен отпад или градежен шут, дали во наша надлежност или во надлежност на „Нискоградба“ . Во овој месе имаме преку 15-20 локации веќе исчистено, помали депонии до нашите контејнери, но можам и да кажам дека тие се повторуваат и повторуваат.“ – вели Горан Степановски, директор на ЈКП „Комуналец“.

И „Комуналец“ и „Нискоградба“ трошат буџетски пари и своите човечки ресурси кои треба дење ноќе да гледаат и да собираат тоа што граѓаните исфрлаат. Тоа и го прават. За помош, а и според Законот за јавна чистота и Законот за комунални дејности за спроведувањето на законските прописи за правни и физички лица кои се огрешиле од законските норми надлежна е Комуналната инспекција. Денеска го прашавме раководителот која законска регулатива треба граѓаните да ја почитуваат, како тие работат и дали имаат казнети граѓани.

„Од страна на Комунална инспекција континуирано се преземаат мерки за подигање на свеста на граѓаните да не фрлааат градежен и друг шут на јавна површина преку информирање на граѓаните дека КЈП Нискоградба врши подигање на шут од пред објекти по симболична цена од 1000 денари за 2 м3, давање на транспортни листови од страна на Општински инпекторат за вршење на транспорт на градежен шут од физички и правни лица до депонија Мегленци каде истиот ќе го одлагаат без надоместок, но и изрекување на глоби на несовесни лица кои ќе се затекнат како фрлат градежен или друг шут на јавна површина.“ – напишаа во одговорот од Општина Битола.
„Во 2024 година постапувано е по 79 предмети по Закон за јавна чистота во врска со градежен шут или друг отпад од страна на комунална инспекција на Општина Битола. “ а, согласно Закон за јавна чистота член 14 и член 14-а заради одржување на јавна чистота забрането е оставање на градежен шут и друг отпад на јавна површина и истото е казниво со глоби од 40 евра до 150 евра за физичко лице и 1000 евра до 1500 евра за правно лице во денарска противвредност, како и 300 евра за одговорното лице во правното лице.“ – велат од општинската комунална инспекција.

За да се избегне можната казна, и моралниот суд на соседите кои први реагираат на јавниот неред што се направил, и Комуналец и Нискоградба имаат решение. Пристапот им е различен – Комуналец бесплатно го собира големиот кабастиот отпад, Нискоградба го задржува патот на самоодржливост, па по пониски цени од пазарните. И двете претпријатија може телефонски да ги контактирате.
„ЈКП Комуналец “ нема директна ингеренција да го собира тој отпад, меѓутоа за доброто на градот ние секојдневно во летните периоди, летните месеци го собираме тој габаритен отпад и покрај тоа што ние како јавно претпријатие нудиме бесплатно. – вели директорот Степановски.

„Кај нас има одредена процедура, цената е многу прифатлива, за 1.000 денари се подига шут до 2 кубни метри со трактор се одлага таму кадешто му е местото и така ќе немаме депонии низ градот.“ – вели директорот Талевски.
Ако треба да се одложи градежен шут треба да се оствари контакт со дирекцијата на Нискоградба, а доколку треба да се одложи габаритен, кабаст отпад, тогаш се контактира дирекцијата на Комуналец. Ги има на интернет. На веб страната на Општина Битола пак, даден е телефонски број 075 312 460 на кој и секој граѓанин може анонимно да пријави доколку види некој да депонира градежен шут или друг отпад на јавна површина.
Работата на овие две општински претпријатија е регулирана и со Законот за животна средина, Законот за управувањео со отпад, па и законот за локална самоуправа. Ние, граѓаните, имаме само морален систем на вредности според кој се ориентираме меѓу добро и лошо.












