Самите судии имаат ниска доверба во Судскиот совет, вели претседателот на ова тело, Александар Камбовски во неделното интервју за РСЕ. Тој вели дека целта му е прво да ја врати довербата од фелата.
Господине Камбовски, во јуни 2024 бевте избран за член на Судски совет. Претходно беше судија во Апелациониот суд во Битола. На почетокот на јануари едногласно бевте избран за претседател на Судскиот совет. Како успеавте за неколку месеци да ја добиете довербата од сите колеги?
Поминав безмалку шест месеци тука во Советот. Мислам дека добар дел од нив и од претходно ме познаваа, доаѓам од судството, ме познаваа како судија, ја познаваа мојата работа, а во тие шест месеци се запознавме, да речеме, и лично како луѓе – какви карактери сме. Мислам дека увидоа колегите дека можам да ја извршувам оваа функција и можам да ги сплотам сите заеднички да ги водиме тие мисии и цели што си ги имаме зацртани за Судскиот совет.
Судскиот совет изминатиот период постојано беше мета на критики, судството се соочува со мала доверба во јавноста. Колку и самите судии му веруваат на Судскиот совет?
Мене тоа ми е една од најголемите желби или цели што сакам да ги остварам – судиите да го чувствуваат Судскиот совет како свој, ова е нивна куќа. Судиите тука имаат мнозинство, сакам да чувствуваат дека првенствено ние сме нивни заштитници, ја гарантираме нивната независност и интегритет, а не само да гледаат на Судскиот совет како на некое тело кое служи за нивно казнување или разрешување. Или на кој било друг начин да служиме за заплашување на судиите.
Сакам да го постигнам токму обратното, во нас да чувствуваат една заштита и тоа мислам дека ќе придонесе тие уште подобро да ја извршуваат својата работа, да добијат уште поголема самодоверба во тоа што го работат. И што е најважно, уште поголема сигурност дека нема никој да може да изврши притисок или влијание за каква било промена во нивните одлуки, без тие да знаат. Да знаат дека цело време има едно тело кое ќе ги штити, без разлика дали станува збор за политички или бизнис влијанија, дали претставува влијание од понизок или повисок ранг од тие фели.
Како вие ја оценувате работата на Судскиот совет во изминатите неколку години?
Факт е дека имаше проблеми во Судскиот совет, тоа можеше да го види целата јавност. Но, сепак мислам дека работите полека се средуваат, добиваат некој нормален тек како што треба да функционира Судскиот совет. Знаете дека добар дел од членовите се променија, дојдовме нови членови, почнувајќи од јуни минатата година па до сега имаме четворица нови членови. Така што, оптимист сум дека во иднина Судскиот совет ќе биде на ниво на задачите кои ги има.
Последните најавени промени за Судскиот совет се дека ќе бидат разрешени членовите кои ги избира Собранието поради негативниот годишен извештај. Постои ли законска можност за ова?
Видете, единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судски совет. На друго место јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива тука во Судскиот совет.
Убаво е сите власти кои се во оваа држава да соработуваат помеѓу себе, да се критикуваат кога е тоа потребно затоа што критиката секогаш вродува со позитивни работи, да се коригираме дали ние, дали законодавната, дали извршната власт. Не го сфаќаме тоа како притисок, ниту го чувствуваме како притисок. Секој има право да критикува, се разбира, доколку таа критика е со позитивна намера да се подобрат работите и секогаш ги прифаќаме таквите критики, се трудиме да се поправиме во некои работи кои во минатото не биле добри за да се извршуваат на подобар начин.
Рековте дека не ги гледате како притисок критиките. Изминатиот период постојано се слушаа критики, особено од претставници на извршната власт, се најавуваше дури и целосно распуштање и на судскиот и на обвинителскиот совет. Сметате дека тоа е добра идеја?
Не дека на некој му одговараат критиките и сака постојано да ги има. Да одговорам директно на прашањето, сметам дека тоа не е добра идеја колективно да се разрешуваат колективните тела. Јас секогаш сум се залагал за индивидуална одговорност. Одговорноста секогаш има име и презиме. Не може сè да ставиме во еден кош, не може да кажеме дека цел судски или јавнообвинителски совет не функционирал како што треба. Исто и за судиите, не може да кажеме дека сите судии не се добри, па треба сега сите да ги разрешиме. Не, индивидуалната одговорност е таа на која треба да посветиме внимание и навистина тие поединци кои не си ја работат својата работа, да одговараат. Не може сите останати кои си ја работат работата, се врвни професионалци и личности со врвен интегритет, да страдаат поради таквите други колеги.












