Канатларовски дополнително ги повика Николов и Тодоровски во У21 репрезентацијата

Македонската репрезентација до 21 година ги започна подготовките за октомвриските квалификациски натпревари за пласман на Европско првенство 2023. Нашата селекција на 7 октомври игра против Фарски Острови во Клаксвик, а четири дена подоцна гостуваме во Ереван против Ерменија.

Селекторот на репрезентацијата, Драги Канатларовски се соочува со низа проблеми поради неиграњето на неколку стандардни првотимци. Метју Божиновски и Стефан Чолаковски поради административни ковид-19 протоколи и ограничувања не беа во можност да допатуваат од Австралија. Поради повреда отпаднаа Агон Елези и Енис Фазлагиќ.

Селекторот Канатларовски прати дополнителен повик за Иван Николов од Вардар и Димитар Тодоровски од Работнички. Двајцата веќе се приклучија на репрезентативниот тим.

„Не очекуваат две тешки гостувања против Фарски Острови и Ерменија. Ќе дадеме се од себе за да ја оствариме зацртаната цел, а тоа е освојување на максимални шест бода од двата натпревари. Против Франција и Србија очекувавме повеќе, посебно на резултатски план, но освоивме само еден бод. Се надевам дека сега нема да ги повториме грешките од претходните средби и ќе ги оствариме првите две победи во квалификацискиот циклус. Имаме одличен тимски дух, сите сме подготвени да дадеме се од себе за дресот на Македонија“.

Сподели